1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експозето на Груевски ќе трае 15 минути

26 јули 2011

Мандатарот за состав на новата македонска влада, на утрешната седница ќе има 15 минути за излагање на експозето, а по него по еден претставник од шесте пратенички групи исто така ќе имаат право на излагање.

https://p.dw.com/p/123jh
Актуелниот и иден македонски премиер Никола ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски заедно со координаторите на пратеничките групи денеска го утврдија текот на седницата за избор на новата влада што треба да започне утре на пладне. Се очекува мандатарот Никола Груевски да има експозе, во кое ќе ја образложи Програмата и Предлогот за состав на владата пред пратениците, кое, според најавите, би требало да трае околу петнаесет минути, а потоа ќе се обратат претставници на сите шест пратенички групи во Собранието.

Повеќе време за опозицијата

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

Според договорот постигнат на координативната средба, односот на говорниците што ќе зборуваат потоа ќе изнесува два спрема еден во полза на опозицијата.

Координаторите се согласиле со укажувањата дека не треба да се претерува со репликите за да се овозможи што поголем број пратеници да се обратат на седницата. Во тек е продолжение на координацијата, на која се утврдува редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот, иако според Деловникот за работа на Собранието него го утврдува претседателот на Собранието.

Новата влада до четврток на полноќ

Почетокот на седницата е закажан за утре на пладне и според најавите од Кабинетот на претседателот ова прво продолжение на седницата се очекува да заврши околу 20 часот. Седницата за избор на новата влада ќе продолжи во четврток во 11 часот и ќе трае до полноќ кога, според Деловникот на Собранието, треба да се гласа за новата влада.

Гласањето за избор на владата се врши по Предлогот за состав на владата во целина со јавно гласање.

Автор: СН/миа/макфакс

Редактор: Горан Чутаноски