1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски пулсирања

4 декември 2008

Европската централна банка ги намали каматните стапки. Опел го намалува производството на „астра“. Пласманот на автомобили во САД падна на најниско ниво за последните 26 години. Избор од стопански вести.

https://p.dw.com/p/G9Nk
Ни Американците веќе не купуваат големи возила што трошат многу горивоФотографија: AP

Европската централна банка по трет пат во рок од само осум недели ги намали каматните стапки за парите што таа им ги позајмува на деловните банки. Каматата сега ќе изнесува 2,5 насто. Намалувањето за 0,75 процентни поени (досегашната стапка изнесуваше 3,25 проценти) е најголемо што досега воопшто го има извршено Банката.

Лиферантот за автомобилската индустрија Континентал и банката Хипо риал естејт се повлечени од најважниот германски берзански барометар ДАКС - индексот на акции на 30 најголеми и најдоходовни концерни во Германија. Нивните места од 22-ри декември ќе ги заземат концернот за козметика Баерсдорф и концернот за челик Залцгитер.

Германскиот производител на автомобили Опел планира во наредната година да го намали производството на моделот „астра“ за 20 до 30 проценти. Покрај кризата со пласманот на автомобили, претпријатието е погодено и од големите проблеми на американскиот концерн Џенерал Моторс, кој е целосен сопственик на Опел.


Шефовите на американските производители на автомобили Џенерал моторс, Крајслер и Форд денеска во американскиот Конгрес во Вашингтон ќе замолат за државна помош во вкупен износ од 34 милијарди долари, која им е неопходна за опстанок на концерните. Плановите за санација на трите претпријатија му беа претходно поднесени на Конгресот.


Пласманот на автомобили во САД во ноември падна на најниско ниво за последните 26 години. Бројката на новорегистрирани возила падна за 37 насто, а кај трите водечки - Џенерал моторс, Форд и Крајслер и за преку 40 проценти. Од германските производители, на американскиот пазар најмалку е погоден Фолксваген со пад од 19,2 насто, додека Мерцедес-Бенц, БМВ и Порше поминаа полошо.