1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економските џинови Кина и САД преговараат за трговијата

Андреас Ростек-Бути
7 јануари 2019

Преговарачите на двете најголеми економии во светот стартуваат нов обид за спречување отворена трговска војна. Исходот од преговорите во Пекинг е сосема неизвесен.

https://p.dw.com/p/3B8JC
Symbolbild USA-China-Handelskrieg
Фотографија: picture-alliance/AP Images/CCP

Кога новиот американски министер за одбрана Патрик Шенахан пред водечките личности во Пентагон зборувал за целите за оваа година, според американските медиуми, тој им дал еден совет: „Секогаш мислете на Кина, Кина, Кина!“.

Човекот е политичар во сферата на одбраната, а не американски преговарач за трговски прашања. Па сепак, овој цитат покажува колку работи од односите меѓу двете земји во моментов се на коцка. Се работи за трговски конфликт кој сѐ повеќе ја вовлекува во страдања и светската економија. Но, се работи и за глобална доминација.

На масата за преговори во Пекинг денеска и утре не седат водечките „харлајнери“ од американскатса влада. Американскиот ополномоштеник за прашања на трговијата Роберт Лајтхајзер е познат по својата длабока скепса во однос на Кина, а Трамповиот советник за трговски прашања Питер Наваро важи исто така за јастреб. На преговорите во Пекинг замина делегација под раководство на заменикот ополномоштеник за трговски прашања, Џефри Гериш.

Повеќе: Светска трговија 2019: Врзете ги појасите!

Примирје до втори март

Кој ги води разговорите од кинеска страна, не е соопштено. Малку се знае и за содржината на разговорите. Кинеската влада во декември соопшти дека ќе стане збор за земјоделските производи, енергијата и автомобилите.

Во суштина, станува збор за многу повеќе. Двете страни би требало да обезбедат еден вид примирје, кое првично би требало да трае до 2 март. Согласност за овој датум постигнаа шефовите на држави Ши Џинпинг  и Доналд Трамп на почетокот на декември, на самитот на Г20 во Буенос Аирес. Дотогаш не би требало да има натамошни казнени царини, а не би требало ниту во сила да стапи веќе најавеното зголемување на американските царини на кинеска стока во вредност од 200 милијарди долари.

Jahresrückblick 2018
Средбата на американската и кинеската делегација, предводени од Ши и Трамп, на самитот на Г20 во Буенос Аирес (1.12.2018)Фотографија: picture alliance/dpa

Меѓународните финансиски пазари реагираат со загриженост на можните консеквенции од американско-кинескиот трговски судир за светската економија. Од почетокот на декември има големи турбуленции на берзите во Њујорк, Токио, Франкфурт и на други места.

Двете најголеми економии во светот со месеци си воведуваат меѓусебно казнени царини за редица производи. САД воведоа казнени царини за увоз на стока од Кина во вредност од 250 милијарди долари. Пекинг се реваншираше со одмазднички мерки, но не во иста вредност.

„На половина пат“

Непосредно пред новата година, шефовите на двете држави уште еднаш разговараа телефонски и се обидоа да се погрижат за добро расположение. Тамп на Твитер напиша: „Договорот напредува многу добро“. Од Пекинг дојдоа позитивни сигнали: „Се надеваме дека двата тима ќе се сретнат на половина пат, дека ќе работат напорно и ќе постигнат брзо договор“, изјави Ши.

Вчера, Трамп во Вашингтон додаде: „Навистина мислам дека сакаат постигнување договор“. Тој повторно оцени дека кинеската конјунктурна слабост е предност за САД.

Меѓутоа, дали ќе биде постигнат пробив, е повеќе од неизвесно. Она што Трамп и неговата влада ѝ го забележуваат на Кина се темелни работи: Кина одбива вистински да го отвори својот пазар, краде ноу-хау од други и ги принудува странските фирми да го обелоденат техничкото знаење. Освен тоа, систематската субвенционистичка политика на Кина, како програмата „Made in China 2025“, ја спречува конкуренцијата. Сето тоа мора да се промени, смета Трамп.