1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕИБ е џин во сенка

16 април 2010

Европската инвестициона банка е најголемиот инвеститор ширум светот, а истовремено толку непозната како ниту една друга банка. Која е улогата и задачата на Европската инвестициона банка, тешка милијарди евра?

https://p.dw.com/p/Mw3N
Седиштето на Европската инвестициона банкаФотографија: picture-alliance/ dpa

Европската инвестициона банка минатата година даде финансиска поддршка во износ од 79 милијарди евра. Тоа е исто колку вкупниот државен буџет на Белгија. Домашната банка на Европската унија позната е уште како ЕИБ. Во неа свој удел имаат дадено сите земји-членки на Унијата. Вицепретседателот на Европската инвестициона банка Матијас Колац-Анен ги објаснува трите најважни задачи на банката: „Првата задача е поддржување на помали и средни претпријатија. Тоа не го правиме ние директно, туку со помош на други банки. Како второ ги подржуваме стопански слабите региони во Европа, т.н. конвергентни региони, а такви во Германија има се’ помалку. И како трето, подржуваме се’ што придонесува за одржување на производството.“

Формула со гаранција

„Одржливост“ во стопански слаби региони - зад оваа формула се крие истиот процес во ЕИБ веќе 50 години. Кога некоја нова земја му се приклучува на европското семејство, мора веднаш силно да се инвестира во неа. Нови улици, водовод, железнички станици или се инвестира во најчесто пропаднатата индустрија. На тој начин Европската унија сака да срасне и притоа да го задржи нејзиното стопанско ниво, значи да конвергира.

Таков беше примерот со германското обединување. Некои делови од новите германски покраини до 2013 година официјално се прогласени за конвергентни региони на ЕУ: „Значи последниот голем проект ’германското обединување’, што ние го финансираме, е изградбата на берлинскиот аеродром „Вили Брант“. Но, класичните инвестиции се всушност работи како изградба на системи за водовод и одвод, или пак санирање и модернизирање на пречистителни станици на вода за градови како Бранденбург или Дрезден.“

Berliner Mauer Segmente in Los Angeles
ЕИБ во голем стил инвестира во новите германски покраиниФотографија: DW

Но, додека парите од Европската инвестициона банка стигнат до пречистителната станица, поминува многу време. ЕИБ прво со месеци испитува дали пречистителната станица навистина е од полза за конвергентноста на Европа. Доколку одговорот е да, тогаш ЕИБ, како голема и веродостојна банка, позајмува средства по ниски камати од меѓународниот финансиски пазар. Парите, ЕИБ потоа и’ ги дава на некоја помала деловна банка во Германија, за да може таа да го подржи проектот во Дрезден со поволен кредит. Меѓутоа, предуслов е и германската деловна банка да даде еднаков износ пари за проектот, што го добива од Европската инвестициона банка: „Ние не го истиснуваме веќе постоечкиот регионален банкарски сектор од бизнисот, токму поради механизмот што го користиме. Значи, по правило, финансираме 50 проценти, но тој процент некогаш може и да се намали.“

ЕИБ инвестира пред се’во конвергентните региони

Кредитите на ЕИБ, значи, помагаат да се поттикне локалната економија во конвергентните региони. Ова, во моментов, се случува во Источна и Западна Европа. Големи актуелни проекти, како изградбата на новиот автопат во Полска не би биле можни без поддршката од Европската инвестициона банка.

Покрај проекти од областа на транспортот и градежништвото, ЕИБ засилено финансира и проекти за заштита на климата во Европа: „Изминатата година во Германија финансиравме редица проекти од областа на обновливите енергии, покрај другото и изградбата и поставувањето на голема постројка на соларна енергија во Бранденбург. За 2010 година, во центарот на вниманието во Германија се наоѓа изградбата на паркови за добивање струја од ветер.“ Но, Европската инвестициона банка во иднина нема да инвестира во голем стил само во Германија.

Europäische Investitionsbank
ЕИБ е „непозната“банка на ЕУ со голема финансиска моќФотографија: PA/dpa

Банката ги следи политичките цели на ЕУ, профитот е споредна работа. Тоа е една од причините, зошто ЕИБ како една од најголемите банки во светот остана недопрена од светската финансиска криза. Оваа 2010 година ЕИБ позасилено ќе инвестира во Турција, Србија и Хрватска. На овој начин големата „непозната“ банка на ЕУ уште денес создава факти, таму каде дури утре ќе се дискутира за можен прием во Унијата.

Автор: Самуел Јакиш / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска