210809 Afghanistan Wahlen Ausgang
22 август 2009Ако е до ривалите на претседателските избори, тогаш се чини дека исходот од гласањето во Авганистан е веќе познат. И Хамид Карзаи и неговиот најлут ривал, Абдула Абдула се однесуваат како победници, чија победа е веќе сигурна. Прво изборниот штаб на Карзаи побрза да соопшти дека актуелниот претседател е во водство. Според нашите податоци, освоивме доволно гласови за победа, изјави шефот на изборниот штаб, Дин Мохамад, кој тврди дека не е потребен втор круг гласање. Портпаролот на Абдула се спротивстави - се` е пропаганда, вели тој: „Тврдењата од кампот на Карзаи се без основа. Нашите бројки покажуваат дека господин Абдула освоил 62% од гласовите, а Хамид Карзаи 32%. Бројките произлегуваат од пребројувањето на дел од гласовите, но мора да ги причекаме конечните резултати. Ги немаме добиено резултатите од некои провинции на југ и југоисток, но според резултатите од останатите региони, ситуацијата е таква каква што соопштив“, рече Сајед Фазел Сангхараки.
Изборната комисија бара трпение
Независната изборна комисија очигледно не сакаше да ја разгорува дебатата натаму и суво констатираше - се‘ што не е објавено од нас, не е веродостојно. Така барем гласеше формулацијата на еден од директорите на комисијата, Дауд Али Наџафи: „Во вторник, 25 август, ќе почнеме да ги објавуваме неконечните резултати. Се разбира, победниците и поразените ќе бидат познати дури откако ќе има конечни резултати и кога тие ќе бидат проверени и потврдени од страна на комисијата.“
Друго решавачко прашање е колку избирачи навистина излегле на избори. Авганистанците во некои делови на земјата беа во животна опасност, доколку излезеа од нивните домови. Ако гласот го дале само мал број избирачи, тоа на новиот претседател, кој и да е, ќе му биде од мала полза. Извештаите дека на избори излегле 40 до 50 отсто од избирачите не се потврдени од страна на Изборната комисија: „Од каде и да ги имате овие бројки, ние за нив не знаеме. Ако тоа го изјавил некој од мојата канцеларија, тоа е можеби само проценка. Што се однесува до одзивот се` уште немаме бројки“, изјави Али Наџафи.
Автор: Кај Кистнер / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Трајче Тосев