1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголема моќ за Ердоган

Ирфан Бозан
16 април 2018

По спорниот референдум за уставот пред една година претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган сака да се избори за сличен успех на изборите во 2019 година. Уставните промени го овозможуваат тоа.

https://p.dw.com/p/2w7mF
Türkei Trabzon Auftriit Erdogan
Фотографија: picture-alliance/AA/Turkish Presidency

Од 2002. година Реџеп Таип Ердоган е на власт во Турција. Пред точно една година, на 16. април 2017. година постигна успех што ја консолидираше неговата моќ. На референдумот за промена на Уставот, 51,2% од гласачите гласаа за тоа Турција во 2019. година да премине од парламентарен во претседателски систем. Тоа значи дека сите оваластувања на егзекутивната власт ќе му бидат префрлени на претседателот, со што ќе заслабне функцијата на Парламентот. Најголем поддржувач на Ердоган при тоа беше ултранационалистичката партија на чело со Девлет Бахчели, која има 36 пратеници во турскиот парламент. Бахчели прво ја отвори можноста за референдум, а потоа ги повика неговите гласачи да гласаат „за“.

Конзервативна алијанса во политичката арена

Кемал Џан е новинар во дневниот весник „Џумхуриет” и експерт за десничарскиот политички спектар во Турција. Според неговите проценки, исходот на референдумот не се остварил целосно според надежите на Ердоган, и оттаму целата негова енергија за внатрешната и надворешната политика и економијата, како и ставот спрема опозицијата, се насочени кон изборите во 2019. година. За Ердоган е важно да има повеќе од 50% од гласовите, а за тоа му е добредојдена секаква поддршка. Затоа веќе подолго време главна тема на разговор меѓу Ердоган и Бахчели е таканаречената „народна алијанса”. Двете партии планираат на изборите да настапат заеднички. По референдумот, коалициските партнери, партиите на Ердоган и на Бахчели работеа на отстранување на членовите од законот кои би можеле да спречат таква соработка. Закон кој го изгласаа во март годинава конечно им овозможи да формираат таква алијанса. Но, бројот на пратеничката група на Бахчели во парламентот може да се смени бидејќи неговата пратеничка Мерал Аксенер со уште неколку членови формираше нова партија. Бахчели стравува дека неговата партија сега би паднала под цензусот од 10%, па олеснувањето дојде откако беше изгласан член со кој се овозможува изборна алијанса. Членот вели дека „ако една од двете коалициски партии го постигне цензусот од 10% тоа важи и за другата.”

Türkei Proteste gegen Referendum in Istanbul
Во Турција имаше големи протести против референдумот за Уставот - залудноФотографија: picture alliance/dpa/AP/L. Pitarakis

Народната алијанса влијае и на правосудството

Три од 18 члена за кои се гласаше на априлскиот референдум веднаш стапија на сила. Така во рок од 30 дена беше формирам Совет на судии и државни правобранители кои одлучуваат за поставување и отповикување на јавни обвинители и судии и за дисциплински одлуки. Правникот Керем Алтипармак од Факултетот за политички науки на универзитетот во Анкара внимателно го следи развојот во правосудството. „Турција се наоѓа во правна криза”, вели тој. Според него и пред референдумот имало проблем со независноста на судството, но со формирањето на ова тело, станува невозможно да се пробие обрачот околу правосудството, вели Алтипармак. Имено Советот брои 13 членови, меѓу кои и министерот за правда и неговиот државен секретар. Четири члена ги избира претседателот, а останатите Парламентот. Експертот во Советот гледа огледало на Народната алијанса на партиите на Ердоган и Бахчели. „Судија денеска веќе не може да каже дека ќе донесе праведна одлука, бидејќи од другата страна го има Советот чиишто 13 членови се избрани од партиски претседател и членови на политичка партија,” вели Керем Алтипармак.

Повеќе: 

Крај за ЕУ-иднината на Турција!?

Зошто германските Турци гласаа за Ердоган?

„Црн ден“ за Турција

Што прави опозицијата?

Додека кај двете коалициски партии подготовките за изборите се во тек, се поставува прашањето што прави опозицијата. И една година по референдумот, опозицискиот блок сѐ уште не успеа да формулира јасна политичка цел и да се организира. Постојано слушаме дека опозициските партии се состануваат зад кулисите, но од некаква конкретна соработка досега нема ни трага. „Од гледна точка на опозицијата, априлскиот референдум е само почеток и во 2019 ќе има реванш,” вели новинарот Кемал Џан. Досега на опозицијата не ѝ успеа да поттикне сличен елан како за време на на референдумот, но неспорно има потенцијал за тоа, вели Џан. Распределбата на гласови 50/50 и денес е актуелна. Тоа што опозицијата сѐ уште нема преземено иницијатива, според Џан се должи на тоа што власта ги диктира темите на дебата и начинот на којшто се разговара за нив.

Што може да се очекува?

Во ноември 2019. година на ист ден ќе се одржат и парламентарни и претседателски избори. Многу членови од уставната реформа ќе стапат на сила дури по изборите. Претседателот ќе владее со проширените ингеренции во мандат од пет години, а во негови раце тогаш ќе биде и извршната власт. Тој сам ќе си ги избере членовите на неговиот кабинет и двајцата заменици, но тие не смеат да бидат претставници од Парламентот. Настрана од неколку ограничувања, тој го има и правото да донесува декрети, бројот на пратеници ќе се зголеми од 550 на 600. Право на глас ќе имаат лица над 18 години.