Една година по масакрот на Утоја - бавно враќање кон нормала
22 јули 2012Норвешка остана отворена и либерална земја. И тоа е земја која полека се враќа кон нормалното општествено и политичко пулсирање. Парламентот деновиве дискутира за заострување на анти-терористичките закони. Сепак, во Норвешка многу работи се‘ уште се одвиваат поинаку, вели германската новинарка Ребека Борш, која во Осло живее и работи веќе девет години. „Општеството функционира исто и натаму, луѓето не дозволуваат отвореноста да биде уништена. Политичарите и натаму се движат сосема норално во јавноста, нема засилена лична заштита.“
Богатата земја на фјордовите е горда на тоа. Довербата во општеството, според студија на политокологот од Осло Отар Хелевик, дури станала и поголема по нападите. За Хелевик е јасно - демократијата зајакнала.
Ребека Борш не е толку сигурна во тоа: „Деновите по 22 јули 2011 година ми оставија голем впечаток. Но општеството не стана поотворено и потолерантно, ниту непријателството кон странци е помало. Општеството сега тендира повторно кон нормала.“
Политичката состојба на ниво „нормална нула“ е потврдена и преку актуелните истражувања на јавното мислење во Норвешка. Деснопопулистичката Партија на напредокот одамна се опорави од последиците на 22 јули 2011-та. Партијата повторно е таму кадешто беше и прeд нападите - на речиси 23 проценти. Во Осло се‘ оди по нормален тек. Така и мора - една година потоа.
Владиниот кварт е отворена рана
На оној што од железничката станица ќе тргне во насока на катедралата, значи онаму каде минатото лето имаше стотици илјади букети цвеќе, прво ќе му паднат в очи многуте питачи. Не е чудо што се таму, Осло е, како и порано, еден од најбогатите градови во светот. Питачите меѓутоа во меѓувреме предизвикуваат лутина во градот. Политичките судири станаа пожестоки. Веднаш зад црквата почнува владиниот кварт, или подобро речено - она што од тоа остана по нападите. Може да се видат пластични прекривки и дрвени огради, се‘ уште! Владиниот кварт и една година по нападот делува како отворена рана. Речиси секоја зграда е заградена со шперплочи, канцелариите се празни. Она што го предизвикаа делата на Берјвик, овде веднаш паѓа в очи.
Компасот повторно функционира
„На норвешкиот народ на 22 јули му беше минирана картата на земјата, компасот беше распарчен во илјадници делови“, рече премиерот Столтенберг на церемонијата во знак на сеќавање на жртвите пред една година. „Секој од нас мораше да го најде својот пат за излез од стравот, од шокот и очајот. Тоа можеше и да не успее, можевме и да залутаме на тој пат, но норвешкиот народ успеа. Успеа да излезе од темнината и неизвесноста, го најдовме патот до дома, до Норвешка.“
Компасот за кој зборуваше Столтенберг во меѓувреме е залепен, земјата функционира повторно. Зашто околу едно Норвежаните се единствени - до денес во Осло никој не зборува за одмазда и не бара „цврста рака“. Напротив, погледите на луѓето, како што тоа го опиша една доселеничка од Пакистан, во изминатата година станаа поотворени. Но веднаш потоа таа додава: полека се‘ станува како што беше порано - сосема нормално.