1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година по Катрина

28 август 2006

Пред една година се случи најголемата природна катастрофа во историјата на САД. Ураганот Катрина го разори брегот на неколку сојузни држави. Но , и една година потоа ситуацијата е далеку од нормала.

https://p.dw.com/p/Ady1
Се уште се чуствуваат последиците од Катрина
Се уште се чуствуваат последиците од КатринаФотографија: AP

„Моето име е Роки Векарела. Имам 41 година и доаѓам од населбата Свети Бернард, која е пет минути од Њу Орлеанс. Ураганот Катрина ја разори нашата населба. Водата која надојде до седум метри височина го поплави целото место. Мојот син и јас четири часа се држевме за едно јаже пред да можеме да отпливаме до спасувачките чамци. Од нашето место мораше да се евакуираат 67 000 луѓе. Загубив се освен облеката која ја имав на мене“.

Роки Векарела со својата приколка минатата недела го посети претседателот Буш, за да го потсети на жртвите од Катрина. Буш пред една година вети брза и небирократска помош, но тоа до сега остана само на хартија. Буш минатиот понеделник се правдаше:

„За да се помогне околу реизградбата потребни се уште пари. Владата одреди 110 милијарди долари. Голем дел од парите им се дадени лично на луѓето кои останаа бездомници по катастрофата. Дадени се пари и за оние кои работеа на расчистување на теренот, за поправки на инфраструктурата и слични активности“.

Но, голем дел од настраданите се уште не добиле пари. Многумина чекаат било каква отштета. Во најголем дел, тоа се луѓето кои жиевеаа во сојузната држава Лујзијана, каде е и Њу Орлеанс. За разлика од таму, во соседната држава Мисисипи се расчистени 98% од урнатините на погодениот брег, во Лујзијана уште се гледа сликата на разурнатото.

Над 50 000 луѓе пред се од Њу Орлеанс и по една година живеат во приколи, а 9000 го немаат добиено ни тоа.

Луѓето се разочарани од властите.

„Нашето најголемо разочарување е тоа што тие не беа во состојба да ни ги спасат животите. Да го оставиме ураганот на страна, но мене ме интересира зошто мораше и толку луѓе да починат чекајќи помош по крововите од глад и дехидрираност. Независно од ураганот, човек мора да биде подготвен за спасување на луѓето во такви ситуации“, смета Оливер Томас.

Во невремето загинаа 1600 лица, а 700 се уште се водат како исчезнати. 85% од Њу Орлеанс беше поплавен и тоа поради недоволниот број на насипи, за што одговорноста е кај армијата и кај владата. Во Њу Орлеанс пред катастрофата живееа 460 000 луѓе. Сега се помалку од половина. Останатите се одселиле во соседните градови или онаму каде што нашле работа

Сезоната на урагани почнува сега, но се уште нема знаци дека владата подготвила мерки за да се спречи евентуална нова катастрофа.