1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Единствен експеримент на Исланд- Устав подготвен од граѓаните

Јулија Манке/ Симе Недевски29 март 2013

Исланд би требало да добие нов Устав кој би требало да го состават самите граѓани. Ова е досега единствен случај во светот, предизвикан од кризата која изби пред пет години. Сега се на потег политичарите.

https://p.dw.com/p/186rg
Фотографија: AP

Биргита Јонсдотир е пратеничка на опозициската партија „Движење“ и стана позната како активистка на Викиликс. Таа се надева дека сегашниот парламент, значи пред претстојните парламентарни избори, ќе го прифати новиот Устав. Нејзините сомневања дека критичарите би можеле да ги блокираат овие намери се сепак големи.

Новиот Устав е посебен документ. Се базира на предлогот според кој секој граѓанин има шанса да учествува во неговото изработување. Ова е првпат една земја да се обиде да го изработи новиот Устав на демократска основа. Причина за започнување на овој проект беше кризата која започна пред пет години: „Луѓето загубија доверба во политичарите“ вели Јонсдотир за тогашното расположение. Исланѓаните морале да гледаат како нивната земја запаѓа во се’ подлабока криза. Трите големи исландски банки банкротираа, многу граѓани ги загубија своите заштеди. Следеа демонстрации, во оваа мала земја владееше тензична атмосфера. Меѓутоа на крајот не победи хаосот, туку едноставно желбата на граѓаните сами да учествуваат во осмислувањето на новиот почеток.

Island Birgitta Jonsdottir Abgeordnete Archivbild 2011
Биргита ЈонсдотирФотографија: Halldor Kolbeins/AFP/Getty Images

Отпишани од Данците

Исланѓаните со стариот Устав веќе со години не се чувствуваа добро. По прогласувањето на независност од Данска во 1944 година Исланд го презема речиси во целост и Уставот на оваа земја. Политичарите во минатото залудно се обидуваа да постигнат договор за сеопфатни реформи. Една група активисти во 2009 година виде можност на целата тематика да и пристапи поинаку. Со поддршка од Владата која ја сочинуваа коалиција од социјалдемократите и зелени левичари, повикани беа 1000 граѓани кои практично ги застапуваа сите граѓани во земјата.

„Еден статистички софистициран систем би требало да се грижи за тоа луѓето од различни региони- мажи, жени, млади и стари да седнат на иста маса. Сите тие требаа да размислуваат за тоа кои сме ние и што сакаме. Особено темите како нација, природни ресурси и здравствен систем беа во центарот на вниманието. Се зборуваше и за често споменуваните морални поими како што се одговорност, право на еднаквост, искреност, респект и слобода“, вели Силија Омарсдотир членка на телото кое беше задолжено за изработување на предлог-текстот на Уставот. Таа е една од 25-те Исланѓани кои останаа на крајот и добија задача да го напишат предлог -Уставот.

Dossierbild 2 ISLAND
Фотографија: Suzanne Henn

Се бараат автори

Силија Омарсдотир која работи на Универзитетот Исланд и која е таму задолжена за меѓународните односи, со останатите 24 избрани автори се пресели во канцеларијата во која требаше да се создаде нацрт текстот за новиот Устав.
Тие секој понеделник и вторник во три комисии дискутираа за текстовите, во среда се собираа во поголема група, а во четврток ги објавуваа на интернет новите верзии на изработените документи. Покрај тоа беа организирани и јавни средби кои граѓаните можеа да ги следат на лице место или преку интернет. Беа собирани критики и коментари за одделни делови од текстот, кои потоа Уставниот совет ги вклучуваше во текстот на документот во форма околу која се согласуваат сите 25 члена.

Работата е во рацете на политичарите

По четири месеци работата беше завршена. Новиот Устав на 29 јули 2011. му беше предаден на парламентот. Во октомври 2012 година на еден необрзувачи референдум две третини од граѓаните се изјаснија за усвојување на документот. Потоа дискусија се водеше пред се’ за начинот на кој во иднина ќе бидат третирани природните ресурси. Бидејќи, тие во секој случај се’ уште не би требало да бидат приватизирани, според нацртот на Уставот треба да останат во сопственост на исландската нација, што на пример би имало влијание врз рибарската индустрија.

Christoph Degenhart Uni Leipzig
Кристоф ДегенхартФотографија: privat

Процесот на изработка на Уставот со внимание е следен и во странство. Кристоф Дегенхарт, професор за државно право на Универзитетот во Лајпциг вели: „Уставот сигурно не е полош отколку кај нас. Кога станува збор за содржините, тие се актуелни, пријатно скромни и нецелосно формулирани.“ Дегенхарт покрај тоа ги фали авторите дека особено внимание посветиле на јакнење на демократската основа и оти референдумите во иднина требаат да играат поголема улога.
За да стапи на сила новиот Устав треба уште да го потврди сегашниот, но и идниот парламент. Но веќе сега партиите водат спор за моментот кога треба за првпат да се гласа за новиот Устав, а на пратениците им истекува времето.