1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Еден од напаѓачите во Виена има потекло од С. Македонија

ЖА / агенции
3 ноември 2020

Атентатот во Виена, според австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер, има исламистички мотив. Четири лица се убиени, исто како и еден напаѓач, кој потекнува од С. Македонија и имал двојно државјанство.

https://p.dw.com/p/3knJQ
Österreich Anschlagserie in Wien
Фотографија: Alex Halada/AFP/Getty Images

Синоќа од полицијата убиениот и идентификуван убиец бил симпатизер на терористичката милиција Исламска држава, имал двојно државјанство, поседувал австриски и пасош на Северна Македонија, изјави министерот Нехамер на денешната прес-конференција. Во нападот има досега четири цивилни жртви, двајца мажи и две жени, а 17 други лица се ранети, од кои седум се со тешки повреди опасни по живот. И еден полицаец кој е ранет во престрелката, се наоѓа во критична, но стабилна состојба, соопштено е утрово. „Сметаме дека во акција биле повеќе напаѓачи", изјави Нехамер, истрагата е во тек, а полицијата го повика населението да избегнува движење во градскиот центар. Во австриската престолнина денеска во училиштата нема настава. Неколку медиуми јавија за рации во опкружувањето на атентаторот и за две уапсени лица. 

Синоќа кратко по 20 часот во близина на една станица на метрото се чуле првите истрели. Кратко потоа е пукано со оружје на повеќе блиски локации. Во областа се наоѓа и виенската централна синагога, која во моментот била затворена, полицијата проверува дали станува збор за антисемтски напад. Квартот во кој се случија нападите е омилено место за средби на граѓаните, тука синоќа било исклучително фреквентно пред почетокот на денешниот локдаун во Австрија, предизвикан од пандемијата на коронавирус.

Повеќе:

Најмалку двајца мртви и 15 повредени во нападите во Виена

Терористички напад во Виена, повеќе жртви и повредени

Австрискиот канцелар Себастијан Курц оцени дека станува збор за „одвратен терористички напад", и дека земјата ќе се бори против оваа опасност со сите расположливи средства.

Според извештај на весникот „Дер Фалтер", напаѓачот кого го уби полицијата е 20-годишен виенчанец со албанско потекло од Северна Македонија, кој имал двојно државјанство. Тој ѝ бил познат на австриската тајна служба како еден од 90 австриски исламисти чија намера била да отпатуваат во Сирија, напиша новинарот Флориан Кленк на Твитер. Родителите на осомничениот потекнувале од Северна Македонија и кај нив не била забележана поврзаност со исламизам. Полицијата немала сознанија дека осомничениот планира терористички напад, напиша Кленк.