1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден “Ден на мирот“ е недоволен

Горан Петрески21 септември 2006

Македонија со низа настани го одбележува Меѓународниот ден на мирот. Невладиниот сектор повика на мир, но не само како збор и апел, туку како протест и начин на живот.

https://p.dw.com/p/Adc6
Фотографија: AP

Се додека оружјето се користи како средство за решавање на конфликтите, на светот му се заканува уништување. Каде во таа глобална опасност се наоѓа Македонија? Професорот по меѓународно право, Денко Малески, вели: “Тие ги бараат причините во агресијата на човекот и обидот да се живее во едно општество со закони, норми кои што ќе ја стават

под контрола таа човекова агресија.“

Македонија некогаш ја нарекуваа “оаза на мирот“. Земјата го издржа балканскиот колеж, распадот на некогашната федерација, прими повеќе од 200 илјади бегалци за време на војната на Косово, го преживеа конфликтот на сопствена територија. Нејзините граѓани се навикнаа да живеат во состојба на незавршен мир и постојана, скриена закана од нови конфликти. Најважно е луѓето да се едуцираат за причините за конфликтот, за да се промовира културата на мирот преку обрзаование.

Уметниците треба да го чувствуваат мирот за да го претстават во своите дела, вели Ивана Младеновска, студентка на ликовната академија:

“Се работи за чувствата. Чувствата се тие што ја покажуваат нашата состојба и ако ние го чувствуваме мирот, ако сакаме да изразиме мир, тоа во сликарството би се видело.“

Во Македонија повеќе од 150 илјади луѓе нелегално поседуваат оружје, се поприсутна е крвната одмазда, а демнат и незатворените прашања во регионот. Поради сето тоа пацифистите порачуваат дека е недоволно на мирот да му се посвети само еден ден.