Египќаните го следат Тунис
26 јануари 2011Портпарол на министерството за внатрешни работи соопшти дека „никому нема да му се дозволи да создава немир, да одржува протестни собири или да организира демонстрации“. На демонстрации денеска повикаа критичарите на режимот на Мубарак. Еден активист на Фејсбук пишува: „Не одете на работа, не одете на училиште. Да се фатиме рака за рака и да излеземе на улиците за нашиот Египет. Ќе не‘ има милиони.“ Во текот на ноќта во Каиро и неколку други градови во внатрешноста дојде до насилни судири, во кои има тројца загинати, од кои еден полицаец. Повредени се стотици луѓе. Полицијата интервенираше жестоко, со солзавец и водени топови, но луѓето велат дека ќе продолжат да протестираат:
„Овде ќе останеме се‘ додека Хосни Мубарак не замине за Џида, или ако сака и за Тел Авив“, велат демонстрантите.
„Тунис ни‘ е пример. Но, овде е уште полошо отколку таму. Режимот на Мубарак владее 30 години. Цело време е мир, значи земјата мораше економски да цути и животниот стандард да се зголемува. Наместо тоа живееме како во војна. Се‘ поскапува, невработеноста е голема, насекаде има корупција. Тунис не‘ разбуди, останатото мора да го направиме сами“, вели еден млад човек на улиците на Каиро.
Демонстрантите протестираат против растечките цени, високата невработеност и самоволноста на полицијата, која веќе не ја исполнува својата задача: „Имаше времиња кога полицијата ги заштитуваше Египќаните, но денес таа се бори против нив, таа го одржува системот. Тоа е се‘ што таа прави - го одржува системот.“
Одраз на волјата за политички промени
Портпарол на првиот европски дипломат Кетрин Ештон, денеска изјави дека настаните во Египет се знак за надежите на многумина во таа земја. Европската комисија смета дека протестите ја одразуваат волјата на населението за политички промени.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изрази загриженост поради немирите и повика на повеќе демократија во земјата. „Демократизација и општествен дијалог се најдобриот пат за политичка стабилност“, рече тој во Берлин. Поради немирите во Египет, денеска повеќе туристички агенции од Германија ги откажаа летовите за Каиро и Црвеното море. Протестите во Египет предизвикаа несигурност и на берзата. Најважниот египетски индекс на акции падна за речиси пет проценти, а египетската фунта го доживеа најголемиот пад во однос на доларот од јануари 2005 година досега.
Автор: ЕМФ/ ГЧ/ афп/ дпа/ дв
Редактор: Александра Трајковска