Египет поделен на два непомирливи табори
1 јули 2013Армијата уште претходно најави можна интервенција доколку ситуацијата при протестите ескалира. Низ целата земја армијата беше во готовност, а полицијата со зајакнато присуство.
Египетската опозиција синоќа на преседателот на Египет, Мохамед Мурси му постави рок од два дена за да поднесе оставка, откако при судирите меѓу приврзаниците на власта и учесници во антивладините протести во текот на изминатиот викенд загинаа вкупно 11 лица. Во синоќешните судири загинаа 7 лица.
Организаторот на протестите, Младинското движење „Бунт“ (Тамаруд) објави декларација во која се наведува дека „претседателот има рок до 17 часот во вторник да се откаже од своите надлежности и да им овозможи на државните структури да организираат предвремени избори“.
„Во спротивно ние ќе го повикаме египетскиот народ на масовни протести на сите плоштади, вклучително и пред претседателската палата, како и на граѓански отпор... Не прифаќаме компромиси, нема друга алтернатива освен мирно отстапување од власта на Муслиманското братство и на нивниот кандидат Мурси“, се наведува во декларацијата.
Во документот се посочува дека движењето нема да дозволи крвопролевање и запаѓање на земјата во „котелот на граѓанската војна“.
По барањето на опозицијата се огласи портпаролот на египетскиот претседател, Омер Амер, кој изјави дека на Мурси му е јасно дека направил грешки и дека е подготвен да ги поправи.
„Претседателот очекува одговор на неговиот повик за национален дијалог и е подготвен да ги сослуша сите“, дополни Амер.
При судири меѓу приврзаници и противници на претседателот Мурси во повеќе градови ширум Египет во текот на изминатот викенд, според последните податоци, загинаа вкупно 11 лица, а над 610 се ранети.
Една година по преземањето на власта од страна на Мурси, земјата е длабоко поделена. Додека неговите приврзеници го истакнуваат фактот што Мурси е првиот демократски избран претседател, опозицијата го обвинува за застапување исклучиво на интересите на Муслиманското братство. Не се решени ни масивните економски и социјални проблеми, затоа тој го загуби легитимитетот, велат неговите противници. Движењето „Бунт“ собра 22 милиони потписи за оставка на Мурси и одржување нови избори. Тоа е значително повеќе од 13,23 милиони гласови, колку што Мурси доби на изборите во јуни 2012 година.