Египетските судии најавија бојкот на референдумот за Уставот
3 декември 2012Уставниот суд на Египет вчера ја одложи одлуката околу Уставното собрание на неопределено време, откако приврзаниците на Мурси ги спречија судиите да влезат во зградата на судот.
Судиите во Египет имаат намера да го бојкотираат најавениот референдум во земјата околу новиот Устав. Според државната новинска агенција Мена, судиите најавиле дека декретот на претседателот Мохамед Мурси навлегува во работата на правосудството и ја повредува неговата независност.
Мурси закажа референдум за новиот Устав на 15 декември. Со оглед на тоа што во Египет судиите го надгледуваат гласањето, нивниот бојкот ќе го отежне спроведувањето на референдумот. Освен тоа, ако нема контрола од страна на правосудството, под знак прашалник се става и регуларноста на гласањето. Опозиционерите и борците за човекови права во Египет ги обвинуваат исламистите дека со новиот устав си ја зацврстуваат власта и дека сакаат да подготват терен за натамошна исламизација на државата и општеството. Цел на критика се особено ограничувањето на правата на жените и на верските малцинства, како и големите овластувања на претседателот на државата.