Египетскиот претседател со заклетва во суд
30 јуни 2012„Се колнам во семоќниот Бог дека ќе служам за зачувување на републичкиот поредок и ќе го почитувам уставот и законите, а исто така целосно ќе се гижам и за интересот на народот“, рече Морси на церемонијата во Уставниот суд.
Исламистот во краткиот говор потоа вети дека ќе води „граѓанска, уставна и модерна држава“. Тој вети и „нов Египет“. „Нашата аспирација е подоброто утре, новиот Египет и втората република“, им рече Морси на судиите.
Победникот на претседателските избори беше принуден да ја даде својата свечена заклетва пред судот, наместо пред парламнетот, бидејќи војската следејќи наредба на судот го распушти парламентот, во кој мнозинство имаа исламистите.
Тој вчера (29.06.) даде и симболична заклетва пред десетици илјади поддржувачи на плоштадот Тахрир – епицентарот на револтот против Хосни Мубарак. Положувањето заклетва пред судот, наместо пред парламентот, покажува дека битката за моќ во Египет продолжува.
Морси се смета за првиот претседател во арапскиот свет избран на слободни избори. Тој е петиот претседател на Египет по соборувањето на монархијата пред шеесетина години.