1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските амбасадори загрижени, Димитриев конструктивен

БГ/мета1 јули 2016

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ повторно во јавноста манифестираа загриженост поради ќорсокакот во кој се наоѓа политичката криза во Македонија. Премиерот Димитриев се надева на лидерска средба.

https://p.dw.com/p/1JHSe
Фотографија: MIA

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ предводени од првиот дипломат на Унијата Аиво Орав денеска уште еднаш изразија „длабока загриженост“ поради политичката криза во земјата. Орав пред новинарите денеска изјави дека кризата наместо да се решава „се нашла во ќорсокак“. Евроамбасадорите повторно му изразија целосна поддршка на Специјалното јавно обвинителство и ги повикаа партиите да не го попречуваат неговото функционирање.

Еден месец откако е повторно свикано Собрание, напредок во решавањето на кризата нема, рече Орав.

„ЕУ е сериозно згрижена за ситуацијата. Ние сме едногласни во потребата политичките лидерите на земјата да се вклучат во отворен дијалог“, изјави Орав, дополнувајќи дека партиите мора да се усогласат околу имплементацијата на Договорот од Пржино, и да создадат услови за веродостојни избори.

Коментирајќи ја изјавата на амбасадорот на ЕУ во земјата, премиерот Емил Димитрев рече дека се надева оти ќе дојде до лидерска средба и до епилог на кризата.

„Како претседател на Владата, јас апелирам до сите партии да имаат максимална конструктивност за побргу да заврши оваа политичка криза, која има негативни последици и по економијата и во другите сфери од општественото живеење“, изјави Димитриев.

Евроамбасадорите во изјавата повторно го критикуваа „сериозното кршење на владеењето на правото“ во земјата, оценувајќи дека тоа е спротивно на демократските принципи.

„Во изминатите месеци, владеењето на правото се соочуваше со многу предизвици, вклучувајќи го и помилувањето од претседателот на државата. Владеењето на правото е темел за силно демократско општество. Затоа, исто така е важно да се имплементираат реформските приоритети што ги предложи Европската комисија“, изјави Орав.

Амбасадорот порача и дека „сите проблеми со кои се соочува СЈО мора приоритетно да се решат“.