1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот парламент препорачува почеток на преговори со Македонија

Тони Гламчевски12 март 2009

Ако е по волјата на европратениците, тогаш Македонија би требала наскоро да добие „зелено светло“ за преговори за прием во ЕУ. Секако - ако го положи испитот со изборите!

https://p.dw.com/p/HAck
Пратениците ја усвоија резолуцијата за Македонија со големо мнозинство гласовиФотографија: Photo European Parliament/Architects : Architecture Studio

„478 гласови ’за’, 92 ’против’ - резолуцијата е усвоена со големо мнозинство, честитки за колегата Мејер“ – вака ги соопшти резултатите од денешното гласање во Европскиот парламент, претседателот Ханс-Герт Петеринг.

Со денешната резолуција се поздравува напредокот на Република Македонија на патот кон ЕУ и уште еднаш се бара да се забрза процесот, со кој на земјата ќе и’ се даде датум за почеток на преговорите. Авторот на резолуцијата холандскиот европратеник Ерик Мејер, непосредно пред гласањето даде техничко појаснување за текстот, на забелешки кои беа со политичка заднина. Станува збор за користењето на придавката „македонски“. Така во усвоениот текст наместо „македонски преговорачи“ ќе се користи терминот „преговарачите на Поранешната Југословенска Република Македонија“, како што веќе се практикува во европските институции.

„Кога станува збор за параграфот 18, за Македонската православна црква, тоа е официјалното име на најголемата религиозна заедница во земјата. Со ова се прави разлика во однос на другата православна заедница на Српската православна црква. Користењето на терминот „македонска“ не може да биде заменет, повикувајќи се на името на државата, бидејќи тоа е официјалното име на институцијата, затоа предлагам името на црквата да стои во наводници“ – нагласи Мејер како одговор на забелешките за користењето на терминот „македонски“. Тоа беше единствената директна закачка при гласањето за неговата резолуција за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.

Hans- Gert Pöttering
Претседателот на Европскиот парламент, Ханс Герт ПетерингФотографија: picture-alliance/dpa

Повлечен неповолниот амандман за името

Ханс Свобода и Јозеф Пињор го повлекоа амандманот поднесен од социјалистичката група, со кој се бришеше делот од резолуцијата, во кој се бараше нерешените билатерални прашања да не бидат пречка за пристапувањето во ЕУ и да имаат предност пред процесот на Европската интеграција. „Господинот Свобода го повлече Првиот амандман, затоа барам да има номинално гласање за вториот дел од параграфот 12“ – порача пратеникот Јоргос Димитракопулос.

По гласањето по име, 363 европратеници гласаа за тоа билатералните нерешени проблеми да не бидат пречка во процесот на европската интеграција. Со други зборови, нерешениот проблем со името кој Македонија го има со Грција, не треба да претставува пречка. Против гласаа 215 европратеници.

Hannes Swoboda
Го повлече неповолниот амандман: австрискиот пратеник Ханес СвободаФотографија: Europäisches Parlament

Европарламентот со огромно мнозинство од 540 гласови „за“ и „45“ против го усвои амандманот со кој шведската европратеничка Ана Ибрисагиќ, предложи со усен амандман да се измени нацрт текстот, така што сега се повикани сите влади од соседството на Македонија да ја поддржат европската интеграција на земјата за да придонесат за стабилноста и просперитетот на регионот. Тука се мисли на евентуалните проблеми од други соседни земји.

Во резолуцијата посебно е истакнато значењето на организирањето на беспрекорни парламентарни и локални избори. Европратениците инсистираат на потребата од заштита на природната средина, со охрабрување за производство на обновлива енергија. Европарламентот е задоволен од начинот на кој се спроведува Рамковниот договор, но не е ист случајот со ситуацијата на ромското малцинство во Македонија - наспроти значајниот напредок во подобрувањето на неговата положба.