Европската комисија ја критикува германската дебата за Бугарите и Романците
4 јануари 2014Европската комисија ги отфрла повиците за построги правила во однос на приливот на мигранти од земјите-членки на ЕУ. Еврокомесарот за социјални прашања Ласло Андор (на насловната фотографија) за дневниот весник „Велт“ изјави: „Ние навистина треба да ги браниме основните права, како што е правото на слободно движење, и не смееме да реагираме со хистерија на доселувањето на луѓето. Европското право содржи бројни заштитни клаузули против злоупотребата. Не сакаме и не ни требаат нови закони за ограничување на слободата на движење“.
Сепак, еврокомесарот Андор признава дека одредени општини би можеле да се соочат со проблеми, на пример во областа на образованието, во делот на пазарот на недвижности или при социјалните расходи. Тој сепак смета дека нови ограничувања за странските работници не се никакво решение. Андор потсетува дека земјите-членки на ЕУ можат во иднина да користат најмалку 20 проценти од социјалниот фонд тежок милијарди евра наменет за интеграција на мигрантите од ЕУ во градовите и заедниците.
Германските бизнисмени загрижени од дебатата за доселениците
Мартин Ванслебен, главниот извршен директор на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) се плаши од негативните последици од дебатата за доселениците поради сиромаштија од Бугарија и Романија. Оваа комора предупредува дека ваквата дебата може да предизвика последици за германската економија.
„Доселувањето во целина не смее да биде претставено во лошо светло преку подгреаната политичка дискусија“, вели главниот извршен директор на ДИХК во изјава за весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“. Тој оценува дека на Германија во следниве години и се потребни 1,5 милиони доселеници, кои се квалификувана работна сила, за „да се осигура растот и да се стабилизираат социјалните системи“. Ванслебен нагласува дека „мора да се работи и натаму на култура на добредојде за доселениците“.