1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија бара поголем буџет на унијата

11 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AeS1
Со барање за значително повисоки издатоци од 2007 година натаму, Европската комисија ја отвори партијата покер околу идното финансирање на унијата. Комисијата во Стразбур предложи, плаќањата од европскиот буџет да се зголемуваат постепено од 124 милијарди евра во 2007- ма на 143 милијарди евра во 2013 година. На тој начин не се надминува највисоката горна граница на издатоци од 1,24 проценти од економските постигнувања на унијата, но се пречекорува нивото што го бараат Германија и уште пет други земји нето плаќачи.

Европската комисија бара значително повеќе пари во среднорочното буџетско планирање. Претседателот на комисијата, Романо Проди, има намера да ги зголеми издатоците до 2013 година на максимално 143 милијарди евра. Тоа би биле 40 милијарди повеќе, во споредба со буџетот за годинава.

"Донесовме заклучок, а тоа не беше лесно, горната граница на буџетот да ја оставиме на 1,24% од бруто националниот доход. Тоа бара јасност и ограничувања. Вистинските издатоци ќе лежат кај 1,14%, и со тоа би имале доволно простор за дејствување."

Нето плаќачите стравуваа дека Европската комисија ќе оди до најгорната можна граница - 1,24% од брутонационалниот доход, но тоа не се случи. На тој начин, комисијата им излегува еден чекор во пресрет на државите кои плаќаат повеќе во Брисел отколку што добиваат назад во облик на средства за поттик. За тоа се залагаше еврокомесарот за буџет, Германката Михаеле Шрајер.

Десет нето плаќачи на ЕУ, меѓу кои најголема е Германија, уште во декември побараа замрзнување на буџетот на еден процент. Тоа би довело до плафонирање на буџетот на износ од околу 122 милијарди евра во 2013 година. Комесарот Шрајер го отфрла ваквото барање:

"Комисијата исто така рече дека предлогот на шесте нето плаќачи не одговара на целите на ЕУ и не одговара на реалните потреби."

Германскиот министер за финансии, Ханс Ајхел, ја предупреди комисијата да не излегува смешна со своите претерани барања. Претседателот на комисијата, Проди, пак пред Европскиот парламент во Стразбур контрираше со образложение дека барањата се многу, многу реални. Доколку буџетот не се зголеми, нема да можат ниту да се платат растечките задачи кои призлегуваат од проширувањето на унијата на исток, барањата во економијата и истражувањата, како и во делот на надворешната политика.

Најголемото парче во буџетот, како и претходно, се аграрните субвенции. Издатоците за истражувања и образование треба да бидат зголемени за четирипати. Европските парламентарци критикуваа дека комисијата би морала да ја преиспита ползата од парите за поттикнување и со тоа да обезбеди заштеди.

Околу парите, сега, Советот на министри, Европскиот парламент и Европската комисија жестоко ќе преговараат две години. Нето плаќачите сакаат да заштедат, а досегашните приматели и новите членки се надеваат на пари од Брисел. На крајот, сите, наскоро 25 влади ќе мора да дадат согласност.