1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците се надеваат на позитивен извештај за Македонија

Тони Гламчевски14 октомври 2013

Извештајот на Европската Комисија за Македонија ќе наликува на досегашните, со нова, петта по ред препорака за отпочнување на преговорите, очекуваат пратениците во Европскиот паламент

https://p.dw.com/p/19ywK
Фотографија: AP

Европратениците ќе бидат првите кои ќе го имаат в раце извештајот на Европскиот комесар за проширување Штефан Филе за напредокот на Македонија. Имено на 16 октомври во 12 часот и 30 минути на вонредниот состанок на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, лично комесарот Филе ќе ги претстави извештаите за земјите кандидати, по што ќе се води кратка расправа.

До очекувањето на извештајот, европратениците се доста воздржани со давањето на изјави за тоа што тој ќе содржи. Едуар Кукан известувач во сенка во најголемата политичка група во ЕП, таа на Народните партии, отворено признава дека не ја знае содржината на извештајот.

„Се надевам дека тој ќе биде позитивен, но тоа се уште не е јасно“, ни рече Кукан, додавајќи дека ќе има многу повеќе нешта да ни каже откако ќе го види објавен извештајот на Комисијата.

Ќе има петта препорака за почеток на преговори

Европратеникот од Бугарија, Станимир Илчев член на групата на Европските либерали и демократи смета дека извештајот за Македонија за 2013 нема да се разликува многу од претходните.

„Едно е јасно, ќе има по петти пат по ред препорака за почеток на преговори. Извештајот нема да се разликува многу од претходните извештаи на Комисијата. Новите елементи веќе се коментираат во медиумите, а сигурно ќе бидат внесени и забелешките на бугарските европратеници“, вели за Дојче Веле бугарскиот европратеник.

Eduard Kukan
Едуард КуканФотографија: DW/Arben Muka

Тој понатаму нагласува дека е „голем приврзаник за полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

„Но од друга страна има нерешени прашања. Тоа не е само спорот за името. Бугарската позиција е јасна: ние немаме претензии за името на Македонија, но за договорот за добрососедство настојуваме многу силно, тој да се склучи и да стане факт и да се потпише меѓу двете страни“.

Ако договорот биде потпишан и стане факт, бугарскиот европратеник од редовите на либералите тврди дека „веројатно“ ќе има иницијатива од бугарска страна за колку што е можно поскоро се даде датум за почеток на преговори.

Македонија направи сѐ што од неа беше побарано

Британскиот европратеник, Чарлс Танок од редовите на европските конзервативци и реформатори, не сакаше да дава коментар за престојниот извештај за Македонија, се додека не го добие. Но тој, без разлика што ќе стои во извештајот вели:

„Јас од пред осум години се надевам дека Македонија ќе добие право да ги започне преговорите. Но како што знаете, тука е се уште грчкото вето. Исто така не ја поддржувам бугарската позиција, тоа не е нешто позитивно. Македонија и така има веќе билатерални проблеми со Грција и ако Бугарија почнува да споменува нешта кои се од Првата или Втората светска војна, тоа не е позитивно“.

На прашањето од Дојче Веле, дали Македонија од своја страна треба да направи нешто за да нештата се забрзаат, британскиот европратеник вели:

„Таа се обиде да направи сѐ што беше побарано од неа во последните пет-шест години. Одвреме има нешта кои се случуваат во Македонија кои ги лутат Грците. Грците се многу чувствителни. Можеби треба поголема дискреција. Но Македонија е суверена земја и има право да одлучува за своето име, за името на плоштадите или статуите на Александар Велики. Но можеме да кажеме дека треба да бидат поразумни со Грците, бидејќи тие се чувствителни на прашањето на ‘антквизацијата’. Лично јас секогаш ја поддржувам Македонија суверено да одлучува и да ја интерпретира својата историја и култура на начин на кој што таа сака. Грчката и бугарската позиција ја нема поддршката во Европскиот парламент.“

Charles Tannock Porträt Großbritannien Europaabgeordneter
Чарлс ТанокФотографија: William Lavender

Одлуката ja носи Советот на ЕУ

Според информациуте кои излегоа во јавноста и се потврдени од некои анонимни дипломатски извори, во извештајот на Комисијата ќе биде дадена петта по ред позитивна препорака за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија.

Во извештајот добар дел ќе биде посветен и на прашањата со медиумските слободи и изразување во Македонија, за што се очекуваат негативни забелешки.

Одлуката за почетокот на преговорите е во рацете на Советот, вистинската влада на ЕУ во кој директно заседаваат земјите членки на највисоко ниво и кои поради грчкото противење и од неодамна бугарското, не ги испочитуваа претходните препораки на Европската комисија и Европскиот парламент во однос на Македонија.