1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европол: ИД планира нови напади во ЕУ

ЕМФ /агенции
2 декември 2016

Терористичката милиција Исламска држава трпи загуби во Сирија и Ирак. Со тоа се зголемува опасноста од напади во Европа. Во Европа можеби има веќе десетици терористи.

https://p.dw.com/p/2Tcug
Niederlande Den Haag Europol Zentrale
Фотографија: Imago/CHROMORANGE

Терористичката милиција Исламска држава (ИД), според информациите на Европол, планира нови терористички напади во Европа во блиска иднина. Поради загубите на ИД во Сирија и Ирак, се зголемува опасноста од нови напади во Западна Европа, предупредува европскиот антитерористички центар на Европол во извештај објавен денеска во Ден Хаг.

Според проценките на тајните служби, во Европа можеби веќе се наоѓаат десетици ИД-терористи. Тоа се најчесто странски борци кои поради загубите на ИД во Сирија и Ирак се враќаат назад во Европа, но ризична група се и сириските бегалци. Експертите наведуваат дека екстремистите се обидуваат да ги придобијат и радикализираат бегалците. Веројатно борци на ИД се инфилтрирани во бегалските домови, оценува Европол.

Chemnitz Anti-Terror-Einsatz
Властите во Германија веќе подолго време предупредуваат на зголемена опасност од тероризам. Затоа се зајакнати безбедносните мерки, како овде, на аеродромот Тегел во Берлин.Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Во анализата на европските полициски власти се вели дека од аспект на ИД нападите во Белгија и Франција во 2015 и 2016 година биле „успешни“. „Во блиска иднина во ЕУ веројатно ќе се случат нови напади, како од поединци, така и од групи“, оценува Европол.

Експертите претпоставуваат дека ИД веќе развила нови тактики за напади и дека најверојатно најмногу е загрозена Франција. Но, можни цели се и Германија, Белгија, Холандија и Велика Британија.