Европа станува производител на наркотици
1 февруари 2013Европа е пазар за дрога, место во кое се произведува и продава дрога, но и се разменуваат искуства во врска со производството и конзумацијата. Ова се наведува во актуелниот извештај на Еуропол и Европската обсерваторија за трговија со наркотици и зависности. Европскиот пазар на дрога се оценува како исклучително добро развиен, динамичен и иновативен. Лорен Ланиел, аналитичар на Европската обсерваторија вели дека најмногу се користат канабис, кокаин и амфетамин, но и понатаму постои и голем број корисници на кокаин. Тој укажува на земјите во кои се произведува и патиштата по кои се растура дрогата:
„Кокаинот се произведува на Андите, во Колумбија, Боливија, Перу и во Европа доаѓа преку различни рути, кои водат или преку Африка, преку карипските земји, или преку Аргентина и Бразил. Хероинот воглавно стигнува од Авганистан, каде се добива и неговата суровина опиумот, а исто така хероинот во поголеми количества се произведува и во Пакистан и Иран“.
Хероинот не е во „мода“
Хајно Стовер, раководител на Институтот за истражување на зависности на факултетот во Франкфурт вели дека хероинот повеќе не одговара на духот на времето бидејќи се работи за губитничка дрога, која асоцира на ХИВ и на СИДА и се’ повеќе ја губи атрактивноста, за разлика од т.н. модерни дроги:
„Тоа се дроги кои ја забрзуваат, зголемуваат активноста, кои не се забавувачки, туку, како кокаинот, даваат сила и полет. Се работи за супстанци кои добро се вклопуваат во нашата култура и општество во кое доминираат учинокот, конкурентската борба и кои човекот во одреден момент го подигаат и го прават фит“.
Во извештајот се наведува дека острите контроли на рутите по кои се шверцува дрогата вродиле со плод. Се предлага уште потесна соработка меѓу европските земји. Дотолку повеќе што, вели Лорен Ланиел, Европа е значајна дестинација за производство на дрога:
„Она што луѓето не го знаат е дека и Европа е важен производител на дрога, што значи дека многу дроги кои се користат во Европа тука и се произведуваат. Таков е случајот со амфетаминот, метамфетаминот и канабисот. Европа стана најголем производител на канабис, а тоа е случај и со дрогата екстази, која се произведува и продава во рамките на европските граници“.
Хајно Стовер смета дека Холандија сторила вистински потег со легализацијата на канабисот. Тоа не довело до зголемување на бројот на корисниците, напротив таа дрога во Холандија се конзумира помалку отколку во Германија.