1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа доби пријател во Белата куќа

22 јануари 2021

Колку што на Брисел му треба пријател во Вашингтон, толку Америка мора да остане со пријатели во Европа. Пријатели и сојузници, не полтрони и протекторати. Во спротивно, само заедно ќе тонат. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3oGV8
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Во својот инаугуративен говор Џо Бајден уште еднаш ја препозна „ранливоста на демократијата“ и ги адресираше сите битни, сегашни и идни проблеми на Америка и на светот. Бајден се осврна на клучното прашање на поделената Америка и светот оставен без нејзиното водство, нагласувајќи дека САД ќе превагне над домашните и надворешни непријатели преку три карактеристики: обединетост на граѓаните, почитување на правата и изборот на сојузништвата.

Џо Бајден само шест часа по полагањето заклетва, ги потпиша првите декрети, 17 на број, во обид да го врати часовникот на САД четири години наназад. Од ковид кризата, климата, имиграцијата, до интернационализмот, етиката, инклузивноста, Бајден ќе се обиде да ја врати Америка во времето на Обама, но тоа само по себе нема и не може да ги избрише четирите години Трамп и промените кои настанаа пред него и за време на неговото претседателство.

Американската политика, култура и демографија се драматично променети. Променет е и светот за кој до вчера САД мислеше дека може да го моделира само по своја желба или интерес. Јасно е дека на Бајден му се брза, неговиот предизвик е во првите 100 дена да даде силен импулс, особено околу пандемијата и економијата, затоа што историјата не' научила дека доколку најтешките мерки и политики не се имплементираат веднаш, ризикуваат никогаш да не профункционираат.

Нема враќање на позицијата на светски хегемон

Но, останува фактот дека Америка се соочува со толку драматични поделби дома и низ светот, што идејата дека можеме да се вратиме на старото, на старата Америка која беше светскиот полицаец или факел за светот, едноставно веќе не е реално. Америка доколку сака промени дома и низ светот, ќе мора да се сврти кон потрага на нови решенија, нова позиција и нови сојузништва.

Толкав е бројот на предизвици што Америка веќе не може да се врати на позицијата на светски хегемон и суперсила, статус којшто го стекна по распадот на СССР. Во исто време не може, а најверојатно и веќе не сака, повторно да биде светскиот полицаец кој сам го регулира светот.

Како и сите останати демократии, Америка ќе мора да тргне по тешкиот и мачен пат на самореформирање, почнувајќи од средување на сопствената политичка шаховска табла, која беше растурена од страна на Трамп и која сведочи дека една третина од електоратот е преминат кон екстремната десница. Во исто време ќе мора да се соочи со глобалниот предизвик и да води една нова и тешка борба со Кина, која е на пат да и' го одземе економскиот и технолошки примат во светот. Ќе мора да најде нови политики и инструменти во соочување со старите непријатели како Русија, недозволувајќи да остане сама или изолирана во таа задача. Тоа значи дека САД ќе мораат да обезбедат нови и трајни гаранции за азиските и европските земји со цел тие да не завршат како протекторати на некоја друга светска сила.

Со други зборови, Америка не може и не треба веќе да троши ресурси, уште помалку да негува илузии дека треба да ја поврати позицијата која ја имаше во 20-от век. Наместо тоа, треба да се посвети на својата улога и позиција во 21-от век, почнувајќи од старите сојузништва кои се' уште имаат иднина, преку надградување и валоризирање на трансатлантските врски и сојузи, како и преку градењето на нови и пошироки партнерства.

Независност, но и меѓузависност

За таа цел, што поради својот нов фокус кон Азија и Пацификот, што поради дебаклите во Ирак и Авганистан, Америка ќе мора да почне да ја гради својата нова позиција преку зајакнување на соработката и сојузништвото со Европа. Прв чекор за тоа ќе биде евентуалното откажување на Вашингтон од третирањето на Европа како обичен протекторат. Во таа смисла, и со цел Америка веќе да не плаќа за европската безбедност, САД ќе мора да ја прифати идејата Европа да развие сопствена и заедничка одбрандбена политика, потпирајќи се на европската воена индустрија и веќе постоечките ресурски, кои ќе мора да бидат зајакнати. За таа цел, трансформацијата на НАТО алијансата ќе мора да се забрза во две насоки: како севкупна глобална алијанса која би ја интегрирала и Азија, но и како сојуз помеѓу САД и Европа кој ќе се базира на еднакви права и должности – како сојуз на двете најголеми и најбогати светски демократии.

Знаеме дека за нас добро познатиот, поранешен заменик државен секретар Вес Мичел, веќе предводи еден тим од 10 мудреци кои работат на проектот НАТО 2030. Заклучокот е дека конфликтите на 21-от век не се само материјални, туку и идеолошки и политички, па оттука судирот помеѓу демократиите и авторитатизмите ќе станува се' понагласен и покомплексен. НАТО планира да инвестира многу во демократските предизвици внатре и надвор од Алијансата, со тоа што од старите и новите сојузници ќе се бара поголема независност, но и меѓузависност.

Тоа ќе значи дека во блиска иднина Европа и нејзините НАТО членки ќе мора да почнат да трошат и да тежат во Алијансата исто онолку колку и Америка, нешто од што ќе произлезе и јасна поделба на улогите на двете страни од Атлантикот. Додека САД ќе ја пренасочува својата стратешка позиција кон Азија и Пацификот, Европа ќе ја добие должоста да го стабилизира Медитеранот, Магребот и повеќе да се фокусира на Блискиот Исток.

Во исто време, новата соработка помеѓу САД и Европа ќе значи дека мора да се изнајде нов пристап кон Русија. Москва е економски клучна за Европа и САД ќе мора да се помири со таа геополитичка и економска реалност, доколку не сака да ја загуби Европа, а во исто време и да ја турне Русија во една нова коалиција со Кина. За возврат, Европа ќе мора да се построи на американската линија во однос на Кина, нешто што засега го избегнува, но каде во иднина ЕУ ќе мора да има клучна улога. Новиот трговски договор помеѓу Кина и Брисел говори за избегнување од европска страна на потребата од нова реалност и ново сојузништво помеѓу САД и ЕУ, но и на тоа поле се' уште постои простор и време за отрезнување. Европа на тој начин пропушти да испрати важна порака до Вашингтон, но за среќа веќе делува дека нешто се менува и на тоа поле.

Други колумни од авторот:

Пандемијата како изговор и слепост

2020 – година на Македонија

Merry Brexmas!

Пакт за подобар свет

Само неколку часа по инаугурацијата на Џо Бајден, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во име на шефовите на државите и владите од ЕУ, упати до Вашингтон предлог за еден нов основачки пакт помеѓу Европа и САД со цел создавање на еден подобар свет. Со други зборови, очигледно е дека идејата за нови и зајакнати трансатлантски односи во Европа е повеќе од жива.

Предлогот за нови и зајакнати односи помеѓу ЕУ и САД се студира веќе неколку недели во Брисел и главните градови од Унијата и предвидува тој да се фокусира на 5 точки, почнувајќи од борбата против климатските промени, искористувајќи ја одлуката на Бајден, САД да се вратат на договорот од Париз.

Другите точки се фокусираат на зајакнување на мултилатералната соработка, така излегувајќи од унилатерализмот на Трамп кој ги игнорираше сите меѓународни организации, почнувајќи од СТО, СЗО, па до НАТО и ООН. Тоа би значело и надминување на здравствениот национализам и заедничко фокусирање во борбата со ковид пандемијата, заеднички обид за економско заздравување и зајакнување на соработката во процесот на дигиталната транзиција. Особено значење би имало повторното враќање на еднаквоста и соработката на економско поле, со нагласок врз меѓународната трговија и ставање на крај на даночната војна помеѓу Вашингтон и Брисел. Конечно, тука е и предлогот за заедничко раководење на односите со Кина и покрај засега различниот пристап, каде Европа е повеќе склона кон соработка, додека Вашингтон инсистира на отворен судир.

За остварување на оваа амбициозна агенда Европа преку Мишел веќе го покани Бајден во Брисел да учествува на вонредниот Европски совет, и со цел посетата да се оствари во услови на корона, во исто време се планира да се организира и самит на НАТО во Брисел. Европа преку зборовите на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен ја изрази својата надеж за нов почеток по изборот на Бајден – „новиот пријател во Белата куќа“: „Европа е подготвена за нов почеток, по четири години Унијата ќе има пријател во Белата куќа“. Се предвидува и можноста Бајден да се обрати во Европскиот парламент, чест отсекогаш резервирана за малкумина.

Америка не може сама

Оваа нова стратешка транзиција нема да биде лесна. И на САД и на Европа им требаат сериозни премислувања и компромиси, нови меѓусебни гаранции и концесии, но доколку сакаат и овој век да му припадне на Западот, на демократските вредности и принципи, на нивниот економски прогрес и интерес, тогаш ќе изнајдат решение. Дополнително сметам дека, доколку сакаат побрзо да ги надминат сериозните процеси поттикнати од домашните поделби, подемот на екстремизмот, национализмот и популизмот, кризата на уништената средната класа која се одмаздува преку избирање на деструктивни лидери, дека тоа побрзо ќе го направат низ процес на заедништво и сојузништво. Заеднички и низ соработка ќе имаат посилен мотив и поголем интерес да ги решаваат и домашните контрадикции и поделби, кои потоа неминовно имаат реперкусии врз надворешната политика и сфаќањата на светот.

До вчера, во се' тоа Америка можеше речиси сама, од денес тоа веќе не е така. Колку што на Брисел му треба пријател во Вашингтон, исто толку Америка мора да остане со пријатели во Европа. Пријатели и сојузници, не полтрони и протекторати. Во спротивно, само заедно ќе тонат.