1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа бара одговори од САД за прислушувањето

БГ/миа30 октомври 2013

Во Европската унија се размислува за формирање сопствена разузнувачка агенција како одговор на шпионирањето од страна на американската НСА.

https://p.dw.com/p/1A8tH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пријатели и партнери не се прислушуваат меѓусебно, изјави европската комесарка за правда Вивиен Рединг, која е во посета на САД по скандалот со сознанијата дека американската разузнавачка агенција НСА прислушувала европски лидери, но и масовно собирала податоци за телефонски разговори низ Европа.

„Овие настани го протресоа и му наштетија на нашето пријателство. Довербата е загубена“, изјави Рединг, која е во Вашингтон заедно со делегација на Европскиот Парламент, а набргу по посетата на високи офицери на германското разузнавање, кои сите доаѓаат во потрага по одговори од Белата куќа.

Според информациите кои произлегуваат од архивите на пребегнатиот аналитичар на НСА Едвард Сноуден, а кои се достапни за медиуми во повеќе европски држави, 35 лидери и милиони граѓани биле прислушувани од страна на НСА, или пак цел на масовно собирање на податоци за тоа каде телефонираат. Рединг во своите забелешки во Вашингтон побара да се постигне договор за нејзиното постаро барање европските граѓани да добијат право на судска заштита за кршење на нивните права во САД, како во овој случај.

Таа, сепак, не ја поддржа идејата за одложување на преговорите за формирање на ТТИП - заедничката европско-американска трговска зона за која и САД и Европската Унија се надеваат дека ќе значи излез од економската криза. Таа воедно додаде дека, како одговор на прислушувањето од страна на САД, можеби е потребно создавање на европска разузнавачка агенција.