Еврокриза - дали најлошото е зад нас?
20 февруари 2013Вообичаено од Лондон повеќе очекуваме песимизам, барем кога станува збор за еврото или за оценување на евро-земјите. Дотолку поизненадувачки е она што од неодамна доаѓа од рејтинг-агенцијата Фич. Најлошото е надминато, вели шефот на одделот кој ја оценува кредитната способност на европските земји.
„Мислам дека има одредени причини да се биде оптимист. Јасно се гледа дека условите на пазарот се смирија, па земји како Шпанија или Италија се во можност да позајмуваат пари со многу попристапни камати. Настрана од тоа, тука е и стратегијата на Европската централна банка, можноста, ако е потребно, да купува државни обврзници и тоа доведе до подобра рамнотежа на пазарот. Така инвеститорите кои не сакаа да ризикуваат во Шпанија сега се порасположени, бидејќи гледаат дека сега е многу мал ризикот од екстремен исход, како распад на еврозоната“, вели Даглас Ренвик од рејтинг-агенција Фич.
Кој би рекол!? А, какви се гледањата во финансискиот центар Франкфурт? Слично оптимистички или побргу скептични? Пред берзата банкарите на пладневната пауза се среќаваат на чаша вино.
„Го славите крајот на еврокризата?“, прашува новинарот од Дојче веле.
„Не, ние секогаш славиме. Инаку, веќе не гледам голема еврокриза“, вели банкарот Хуберт Шмид.
„Значи, еврокризата помина?“
„Не, не е. Има уште неколку проблеми, но би рекол... Која година сме? 2013-та. Во 2015-та ќе биде завршена“, прогнозира Шмид.
Главниот економист во Алијанц не сака да дава прецизни прогнози, иако и тој вели дека зенитот на кризата е веќе минат, но...
„Мислам дека последиците од оваа криза ќе се чувствуваат уште многу, многу години. Ако само се помисли на Грција, какви напори мора да преземе за да ја спроведе поставената цел за консолидирање на буџетот и намалување на долгот до 2020-та или 22-ра година, тогаш ќе се види дека голем дел од напорите допрва им претстои на земјите и оти постигнувањето на тие цели многу ќе зависи од дисциплината, па во таа смисла кризата секако не е надмината“, вели Михаел Хајзе, главен економист во Алијанц.
А, всушност за банките воопшто не е помината. Некои со години се во континуирана криза и го намалуваат персоналот, дури и масивно. Од кризата разнишаното евро дополнително им го загорчува расположението на раководните менаџери. Главниот економист во Комерцбанк не гледа причина за здивнување и предупредува.
„Кризата се повлекува поради политиката на евтини пари. Таа на некој начин е прекриена и тоа така може да потрае 3,4,5 години. Но се’ додека не се отстранат причините за кризата, се’ додека Италија не се зафати решително со своите економски проблеми, не би зборувал за никакво начелно решение, туку само за намалување на интензитетот, повлекување, прекривање на кризата со политиката на евтини пари“, вели главниот економист во Комерцбанк Јерг Кремер.
Евтините пари се од Европската централна банка. Таа минатото лето најави дека неограничено ќе откупува државни обврзници од европските кризни земји. До сега оваа стратегија успева, но дали е тоа доволно?
Симболот на еврото е многу омилен кај туристите. Можеби некогаш ќе можат да речат - бевме таму кога Европа беше во криза и кога еврото ја преживеа кризата.