1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврозона: Крај на штедењето?

Жанг Данхонг / Елизабета М. Фиданоска8 април 2013

Еврозоната е во рецесија. Натамошно штедење би ја втурнало во уште подлабока криза, велат дел од економистите. Други пак тврдат - должничката криза не може да се надмине со уште поголемо задолжување. Кој е во право?

https://p.dw.com/p/18APT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Големи долгови, длабока рецесија и масовна невработеност - при ваква комбинација многумина веднаш помислуваат на Грција. Но ваквиот опис се однесува исто толку и на Германија во 1930-тите. Тогашниот канцелар Хајнрих Брининг, сакал со ригидна политика на штедење да ги санира државните финансии. Неговиот обид заврши со масовна сиромаштија и хипер инфлација. Вајмарската Република се распадна, извесен Адолф Хитлер дојде на власт.

Под притисок на инвеститорите и земјите од Јужна Европа кои се во криза мора да намалуваат плати и да зголемуваат даноци. Сега се во ѓаволскиот круг на рецесија, масовна невработеност и се‘ повиоски долгови. Петер Бофингер, кој врши економски истражувања, гледа паралела со Вајмарската Република и смета дека политиката на штедење има соодговорност за актуелната лоша состојба. „Ситуацијата во Грција се должи, меѓу другото, и на економско-политичката шок терапија“, вели Бофингер во едно интервју.

Неодамна и италијанските избирачи и‘ рекоа јасно НЕ на ваквата шок терапија. Гунтрам Волф, заменик директор на бриселската тинк-тенк Бруегел, оценува дека е само прашање на време кога во Шпанија ќе се случи политичка несреќа: „Нам во Германија не ни е јасно колку во меѓувреме е драматична ситуацијата во Јужна Европа.“

Таму владее чувство на бесперспективност. Затоа треба да се преземат некакви мерки, вели Волф. Фискалното прилагодување мора и натаму да тече, но веќе не со толкаво темпо како во минатото. Треба ли земјите во криза да носат нови конјуктурни пакети? Не, одговара Волф: „...затоа што на финансиските пазари веќе плаќаат високи премии за ризик. Нови долгови би ги зголемиле овие премии и би претставувале нов ризик.“

Symbolbild EU Konjunkturpaket
Што би се случило во Јужна Европа ако Германија донесе конјуктурен пакет мерки?Фотографија: DW/Bilderbox.de

Според економскиот истражувач од Брисел, Германија е единствена земја во еврозоната која може да си дозволи вакви конјуктурни шприцеви. Но, Германија консолидира. Државните инвестиции се намалуваат и со тоа Германија не придонесува за заживување на конјуктурата во еврозоната, критикува Волф.

Што би се случило во Јужна Европа ако Германија донесе конјуктурен пакет мерки? На ова прашање одговор побара Бундесбанката. „Одговорот е - ништо. Нема да можеме да се бориме против рецесијата во Јужна Европа со конјуктурна програма во Германија“, вели Клеменс Фуест, претседател на Центарот за европски економски истражувања во Манхајм. Освен тоа, Јужна Европа нема проблем само со побарувачката: „Имаме погрешно прилагодување на цените. Платите, придонесите на плати, се сосема излезени од колосек. Тие мора да се намалат. Ако се носат конјуктурни програми, тогаш се запира прилагодувањето.“ И со тоа се продолжува кризата, убеден е економистот. Наспроти тоа, програмите за млади не би го спречиле прилагодувањето на платите: „Јас сум за тоа средствата да се употребат за образование на младите.“

Deutschland EZB Währung Euro Symbolbild Münzen
Монетарна унија има потреба од прекугранични механизми за стабилизацијаФотографија: dapd

Тоа што во Шпанија и Грција секој втор млад човек е без работа е состојба која е неподнослива, единствени се во ставот економистите. Волфганг Франц, поранешен шеф на таканаречените економски мудреци, од сопствените истражувања знае „...дека невработеноста на младите, во однос на подоцнежниот работен век, е рана која не зацелува брзо. Останува грда рана во облик на намалени шанси за работа и за добра заработувачка.“

Германскиот систем на дуално професионално образование би можел да им биде пример на јужноевропските земји. „Наместо неколку субвенции за земјоделството, би рекол: помогнете им на младите, отворете образовни можности и испратете луѓе кои ќе ги обучуваат младите“, препорачува Франц.

Но дури и ако членките на ЕУ би го правеле тоа, потребни би биле години додека мерките покажат резултати. Во меѓувреме, Гунтрам Волф оценува дека директни трансфери во насока на југот се неизбежни: „Оваа тема ќе дојде на дневен ред. Монетарна унија има потреба од прекугранични механизми за стабилизација, или во спротивно на долг рок таа е неодржлива.“