1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Духот од Охрид е уште во шишето“

19 октомври 2009

Како се гледаат младите Албанци во Македонија себе си и својата иднина? Одговор се обидува да даде авторот Андреас Ернст во големата статија на „НЦЦ“ под наслов „Духот на Охридскиот договор уште е во шишето“.

https://p.dw.com/p/KANh
Фотографија: dpa

Осум години по потпишувањето на Охридскиот договор голем број млади Албанци со скепса гледаат на иднината на мултиетничка Македонија. Од друга страна, пак, се забележува оптимизам и интерес кога станува збор за меѓуалбанските врски преку границите на државите од регионот.

Ветон Латифи, млад и добро образуван професор по политички науки се плаши дека изградбата на мултиетничкот карактер на државата е во застој. Еден занаетчија од Старата чаршија во Скопје смета дека само политичарите потпалуваат неслога, а дека народот сака да живее во мир. Младите студенти и активисти од албанското малцинство поинаку гледаат: „Од конфликтот во 2001 година наваму никогаш не била толку голема фрустрацијата меѓу младите Албанци, колку сега“ - вели Бујар Лума, кој води едно кино и галерија во Тетово. Договорот од Охрид, вели тој, за многумина е само празно ветување.

Неисполнети надежи


Реализацијата на Рамковниот договор ја набљудува специјален пратеник на ЕУ во Скопје. Соработничка на мисијата на ЕУ ја отфрла критиката на дел од албанското малцинство како претерана. Зебележлива е тенденција за сите проблеми да се обвинува државата или другата етничка група. Многумина од Албанците превидуваат дека слабата држава не им нуди многу ни на граѓаните - етнички Македонци, нагласува таа. Но, истовремено и признава дека постојат одредени дефицити во примената на Охридскиот договор. Еден од проблемите е застапеноста на малцинствата во државниот апарат, дотолку повеќе што статистичките податоци за тоа се во мизерна состојба. А ја загрижува и застојот во реформите на образовниот систем, вклучувајќи го и трендот на етничка сегрегација, нагласува соработничката на пратеникот на ЕУ во Македонија.

Ervan Fuere
Специјалниот пратеник на ЕУ за Македонија, Ерван ФуереФотографија: DW

Конечно дискусијата доаѓа до решавачката точка: надежта дека Охридскиот договор ќе доведе до создавање нов, мултиетнички карактер на државата, не се исполни. „Духот од Охрид“, што го заговараат само уште политичките гости од странство, е заглавен во шишето!

Повик по нова елита

Колку и да се горди младите Албанци во Македонија на нивното етничко потекло, исто толку се критички настроени кон нивните политички партии. Артан Груби, претседател на граѓанското движење на Албанците „Згјоху“, односно „Разбуди се“, тоа го формулира на следниот начин: „Партијата е мајка, татко и работодавач. Таа се грижи за тебе, но затоа ја бара твојата послушност.“ Партиите навистина се чувари на портата кон политичката власт и општествениот успех. Тоа се системи на врски, во кои послушноста се наградува со пристап кон ресурсите. Искачување по социјалните скалила надвор од партиите е речиси неможно. А бидејќи само партии кои се во владата можат на долг рок да нудат поволности за возврат за послушноста на членовите, изборите се често засенети со измами и насилство. Тој систем спречува образување професионална ’неполитичка‘ администрација, обврзана кон законот и граганите.

Parteivorsitzende SDSM, DUI, DPA, VMRO DPMNE in Mazedonien
Претседатели на партиите СДСМ, ДУИ, ДПА и ВМРО-ДПМНЕФотографија: MIA

Агон Ферати, претседател на Студентската организација при Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово, од таквата ситуација извлекува радикален заклучок. „Неопходна ни е нова политичка елита и тоа политичка аристократија, која нема да се бори за краткорочни добивки, туку за долгорочни цели.“ Дали е и мултиетничката држава во тие цели? Всушност, да, вели Ферати. Животот во универзитетскиот комплекс покажува дека е можна мултиетничката соработка. Но, тој се сомнева во тоа, дали актуелната политичка елита е способна за тоа и дали воопшто тоа го сака.

Дискредитирани политичари

Успехот на овие експерименти е низвесен. Политичарите имаат циничен однос кон мултиетничкиот политички систем. Според потребите и публиката, тие зборуваат за правата на малцинствата или пропагираат национална преродба. Ваквата превртливост, споена со корупцијата и слабите капацитети на државата, ја дискредитираат политичката класа на повеќе места. Во регионите населени со Албанци во Македонија и на Косово никнаа невладини организации и движења, кои не само што ги критикуваат таквите политичари, туку ги ставаат под прашање и државните системи во кои тие дејствуваат. Со тоа националното прашање повторно се актуелизира.

Во август 2008 три движења на Албанците од Албанија, Косово и Македонија основаа мрежа наречена „Рош“. Ним им се приклучија и групи од подрачјата населени со Албанци и во Јужна Србија, Црна Гора и Грција. Тие спроведуваат заеднички акции со национален карактер, со кои треба да се изостри политичката и културната свест на Албанците. На најновата средба во Скопје тие побараа сите Албанци надвор од Албанија да добијат двојно, значи и албанско државјанство.

Albanien Parlamentswahlen Juni 2009
Изборни плакати во ТиранаФотографија: DW/ Ballvora

Дали се тоа стремежи да се создаде Голема Албанија, како што во коментарите претпоставуваат Македонците и Србите? Од активистите на организацијата „Рош“ не може да се добие недвосмислен одговор. Секако, не само оти таа тема е табу за Западот, туку и затоа што за сега нема конечен консензус околу опциите: обединување на Албанците во една држава, конфедерација на Албанија и Косово или само заеднички културен простор?

„Албаносферата“ е веќе факт

Очигледно е дека по Косовската војна значително зачестија контактите меѓу подрачјата во кои живеат Албанци во регионот во сите области од животот. Некои набљудувачи мрежата од интелектуални, политички и економски контакти ја нарекуваат „албаносфера“. Прашање е само во која насока таа ќе се развива? Тоа зависи во голема мера од вкупниот политички контекст: од исходот на експериментите со мултиетнички држави во Македонија, на Косово и во Босна и Херцеговина, како и од темпото на интеграција на овие земји во ЕУ. Шансите за функционална мултиетничка држава се надобри во Македонија, каде не дојде до преуредување на односите преку крвава војна. Но, и овде етничката идентификација доминира над слабо развиената граѓанска свест за припадност кон една држава. За идноиот облик на „албаносферата“ можеби уште поважна е временската перспектива за прием на земјите од регионот во ЕУ. Во ЕУ, која истовремено ги штити и ги релативира државните граници меѓу земјите членки, а можна коегзистенција меѓу динамичната „албаносфера“ и постојните државни граници; надвор од неа - не!!!

Автор: НЦЦ/Г.Ч.