Духот на карневалот во „Република“ Вевчани
Вевчанци денеска и утре повторно ќе го прослават доаѓањето на Новата година според стариот календар со традиционалниот карневал. Дефилето започнува попладнево, а ние потсетуваме на маските од минатите години.
Вековна традиција
Според некои извори, традицијата на Вевчанскиот карневал е стара 1.400 години и посветена е на Св. Василиј Велики, христијански светец и епископ од Мала Азија, кој се смета за основач на монашката традиција во источното православие.
Архаичност и уникатни маски
Општина Вевчани на својата интернет-страница го опишува Карневалот како збир од „архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски“. Истиот извор наведува три традиционални маски: „зет и невеста“, „Глупи Август“ и музичари.
Политички пораки
На карневалот редовно можат да се видат маски и костими кои на сатиричен начин го коментираат политичкото секојдневие во државата и случувањата во светот. Овие маски на група македонски политичари се од 2014 година.
Општествена критика
Оваа изведба од 2014 беше реакција на владината иницијатива за повеќе деца во семејствата. Вевчанци немаат „влакна на јазикот“ кога ги коментираат настаните.
Театар на отворено
Вевчанскиот карневал се смета за театар на отворено. Учествуваат сите жители на општината, а домаќините им ги отвораат вратите на своите домови на гостите со традиционални специјалитети и греана ракија и вино.
Километарска поворка
Годинава, според организаторите, се очекува дефиле на повеќе од 1.000 маски и костими. Традиционално, темата на Карневалот не се открива до пред самиот негов почеток.
Контроверзи
Последниве години карневалот го следат и бројни контроверзни. Обвинувања за навреди кон Албанците и муслиманите, изживувања над мртви животни... Во 2012 во Струга се одржаа и протести против некои од маските на карневалот. И Грција се најде навредена од некои маски. Од Вевчани ги отфрлаат таквите обвинувања и велат дека Карневалот нема намера никого да навреди.
Ослободување од „злото“
Научниците велат дека Карневалот ја отсликува потребата на луѓето преку маски да се ослободат од злото и од црните мисли. Преку хуморот и сатирата, василичарите во Вевчани ги спојуваат паганските и христијански обичаи, и притоа им додаваат и модерен „шмек“- коментирајќи ги актуелните политички настани.
Бунтовна традиција
Во 80-те години на минатиот век, Вевчани се најде во центарот на вниманието на јавноста во поранешна Југославија. Причина беа протестите против планот за пренасочување на водата од локалните извори. Барикади пред селото привремено ја спречија реализацијата, но на 7 август 1987, по интервенцијата на специјални полициски сили, проектот е сепак остварен. Оттогаш Вевчани се прогласи за „Република“.
Илјадници маски ќе продефилираат и годинава низ Вевчани. Спојот од пагански обичаи и актуелни општествени теми ќе бидат доживување и за бројните гости кои се очекуваат од земјата и од странство. Според официјалната страница на општината, постојат три традиционални маски: „зет и невеста“, „Глупи Август“ и музичари. Манифестацијата ќе трае два дена и освен карневалот, ќе има и повеќе концерти и неброени „мрсни“ шеги.