ДУИ ја повика опозицијата да ги спушти тензиите
25 декември 2012Настани што се случија вчера во и пред македонскиот парламент, според владејачката партија ДУИ, не придонесуваат во насока на заедничките определби на сите политички партии и на граѓаните на Македонија.
„Сметаме дека политичките разлики и спротивставувања на ниеден начин не смеат да ги загрозуваат основните функции на државата како и благосостојбата и мирот на граѓаните во земјата. Донесувањето на буџетот е еден од основните предуслови за функционирање на државата и затоа сметаме дека овој есенцијален документ не смее да биде алатка за дневно политичко поткусурување и добивање на политички поени",ги пренесува агенцијата Макфакс ставовите во владејачката ДУИ.
„Загрозувањето на основните функции на државата и институциите на системот е во директна спротивност со јасните препораки на Советот на Министри на ЕУ, првото тримесечје од 2013 ексклузивно да се посвети на динамизирање на реформите и решавање на споровите а се’ со цел, во јуни 2013-та, да се отвараат пристапните преговори за во ЕУ", велат од ДУИ.
„Ги повикуваме политичките партии од Македонскиот опозициски блок „Сојуз за Иднината", да ги спуштаат тензиите, а се со цел, да се создаде амбиент за продолжување на реформите согласно препораките на ЕУ. ДУИ ќе се ангажира максимално со целиот свој капацитет во насока на надминување на новонастанатата ситуација во Собранието на Република Македонија", се вели во реакцијата на ДУИ.