1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дружењето со алкохолот во Македонија започнува на рана возраст

Владимир Калински 19 февруари 2013

Во Македонија над 60.000 луѓе се алкохоличари, а 300.000 имаат проблеми со алкохолот и покажуваат знаци на алкохолна болест, велат експертите.

https://p.dw.com/p/17gxY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Илија Петрески пред 11 години започнува да се лекува од алкохол. Тој секоја недела ги посетува состаноците во Клубот на лекувани алкохоличари „Методија Николоски“ во Прилеп и верува дека тоа е местото каде започнал неговиот нов живот, на човек кој собрал храброст да излезе од алкохолниот пекол и живее достоинствен живот. Тој вели дека 30 години бил роб на неговита најлоша навика, но сега им помага на луѓето да се заштитат од алкохолот, а особено на младите.

„Основна задача на клубовите е продолжено лекување на апстинентите од алкохолната болест. Јас 11 години активно сум вклучен во помагање на алкохоличарите. Како секојдневен сведок на многу семејни трагедии, сакам да нагласам дека лекувањето од алкохолната болест е многу сложено. Затоа, кога еден алкохоличар ќе одлучи да се лекува, се лекува и целото семејство.“

Илија Петрески вели дека во борбата против алкохолот треба да се вклучи целото општество, сите институции и разумни луѓе: „Цврсто сум убеден дека за вистински да се помогне, треба да се размрдаат институциите на власта, да се донесат добри применливи закони со кои ќе се стави ред во производството, посебно во продажбата на алкохолот.“

Schnaps Glas Alkohol Symbolbild
Фотографија: Fotolia/Gudellaphoto

Средношколците и возрасните пијат скоро исто

Според податоците на Светската здравствена организација, штетната употреба на алкохолот годишно одзема по 2,5 милиони жители во светот. Од нив 320.000 се млади на возраст од 15 до 25 години. Алкохолот е поврзан со многу социјални и развојни прашања, како насилството, злоупотреба на деца и отсуство на работното место.

Проф. Д-р Јордан Јовев е невропсихијатар, специјалист, кој во периодот до 1990 година, ги оформува институциите за болестите на зависност. Во неговата книга „Болести на зависност“, д-р Јовев доаѓа до заклучоци дека во Македонија со пиење се почнува на многу рана возраст, најчесто во основното училиште. Во средните училишта веќе се консумира многу почесто и скоро изедначено со возрасните, се вели во книгата. Во разговор за Дојче веле, д-р Јовев вели дека во Македонија, над 3% од населението има арбитрарни знаци на алкохолизам, а тоа се повеќе од 60.000 лица:

„Но, ако на оваа бројка се додадат 4 члена во семејството на алкохоличарот, тогаш доаѓаме до 240.000 лица на кои им треба амбулантско болничко или диспанзерско лечење. Алкохолот со векови е прифатен во нашата земја и алкохолизмот е развиен. Ние сме богато подрачје со грозје, со овоштија, од кои се прави алкохол и тоа не може да се сперчи. За разлика од поразвиените земји, каде не може неконтролирано да се произведува алкохол, кај нас низ сите маала ги гледаме казаните за правење алкохол. Се продава и токсичен алкохол по пазарите, со шекери, метилалкохол и со други штетни супстанци.“

Schnaps Glas Alkohol Symbolbild
Фотографија: Fotolia/Klaus Eppele

Мешање на алкохол и дрога

Општо позната слика во Македонија е дека забавата и ноќниот живот на младите е пропратен со големи количини на алкохол, а често тој се комбинира и со разни видови дрога. Во летниот период клупите во парковите се преполнни со млади, неретко и малолетни лица, кои консумираат алкохол. Во периодот на матурските прослави и за нова година тинејџери завршуваат на клиника поради алкохолно труење.

Резултатите од истражувањето на Републичкиот завод за здравствена заштита направено во 2008 година покажуваат дека во Македонија над 39% од учениците испиле барем еден пијалок, во еден или повеќе денови во изминатите 30 дена. 25% испиле толку многу, така што навистина биле пијани еднаш или повеќе пати во животот.

Д-р Јовев вели дека околу 30% од популацијата во Македонија има проблеми со алкохолот: „Од нив, 10 до 15% се возрасните мажи, кои не се алкохоличари, но конзумираат повеќе отколку што треба и покажуваат знаци на алкохолна болест. Останатите 15% се движат кон првите.“

Symbolbild Rausch Mann Alkohol Zigarette Kater trinken betrunken
Алкохолизмот - табу тема во општествотоФотографија: picture-alliance/chromorange

Табу тема

Здружението на апстиненти „Здрав живот“ има отворено неколку клубови низ Македонија. Претседателот Владимир Панзов вели дека во последните 20 години во Македонија не се спомнува ништо за алкохолизам.

„Јас 27 години се занимавам со оваа проблематика. Во многу општини каде сум нудел соработка да се направи нешто во врска со ова прашање, ми велат не чепкај тука тоа е табу тема. Алкохолизмот е тешка тема за која тие луѓе не се едуцирани. Кога овој проблем во главниот град е ставен на маргините, за внатрешноста воопшто не треба да зборувам“, вели Панзов.