1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државни универзитети

31 август 2010

За разлика од високите школи кои се ориентирани кон практична примена на знаењата, универзитетите во Германија нудат студии со солидна научна основа и елитни истражувања.

https://p.dw.com/p/OfGG
Универзитетот „Карл Рупрехт“ во Хајделберг е најстар во ГерманијаФотографија: AP

Универзитетите не нудат образование само во една стручна област, туку имаат широка палета на предмети. Сите кои студираат на универзитет се интересираат пред се` за научна работа во одредена област, бидејќи на универзитетите најчесто се пренесуваат методски и теоретски знаења. Класичниот спектар на научни области опфаќа: медицина и право, општествени и културолошки науки, природни и економски науки итн. Некои универзитети се специјализирани за одредени стручни области, како на пример технички, медицински или педагошки универзитети.

Единство од истражувања и предавања

Интелектуалецот Вилхелм вон Хумболт ја создаде идејата: „единство од истражување и предавања“. Освен предавањата, професорите треба и да истражуваат, за да го одржат квалитетот на нивната работа и да им понудат на студентите издржано научно образование. Во духот на Хумболтовата идеја за единство, и денес на универзитетите постои цврста врска меѓу истражувањата и предавањата. Притоа, истражувањето треба да се изведува независно од непосредните општествени интереси, без намера резултатите да се искористат за нечии цели, туку треба да се тежнее кон спознавање нови факти.

Denkmal Wilhelm von Humboldts vor dem Hauptgebäude der HU Berlin
Споменикот на Вилхелм фон Хумболт пред универзитетот во БерлинФотографија: HU Berlin / Heike Zappe

Од воведувањето на студиските степени бачелор и мастер во Европа, кај многу од студиските програми почна да се става поголем акцент на практичната примена на стекнатите знаења. Сепак, се` уште важи правилото: ако сакате да докторирате, тоа може да го сторите единствено на некој универзитет.

Слобода при изборот на предмети

Студентите во Германија имаат слобода во голема мера сами да ги обликуваат своите студии. Тие не избираат само кои предавања ќе ги слушаат, туку и кај кои професори ќе ги полагаат испитите. Сепак, за многу од студиските гранки постојат рамковни правила кои се однапред утврдени и мора да се почитуваат. На пример, според новиот болоњски систем особено внимание се посветува на присуството на студентите на предавањата, кое за некои предмети е дури и задолжително.

Студии „на далечина“

Универзитетот во Хаген е единствен по својот вид во цела Германија. За разлика од вообичаените универзитети, студентите на овој универзитет не мора да посетуваат предавања. Наставниот материјал им се праќа по вообичаена или електронска пошта. Ваквата понуда радо ја користат луѓе со работни обврски, или студенти кои сакаат доусовршување во одредена област.

FernUniversität in Hagen Philipp Reis Gebäude PRG
Универзитетот во ХагенФотографија: cc-Ulrich Schneider-sa 3.0

Освен тоа, многу универзитети работат на воведување т.н. „онлајн студиски програми“, кои функционираат на сличен начин како и универзитетите „на далечина“. Во овој случај, студентот треба да биде присутен на предавањата само во однапред одредени термини; се` останато се одвива преку интернет. Со ова студирањето значително се олеснува и преку границите на Германија. Така, на пример, Универзитетот „Алберт Лудвиг“ од Фрајбург ги нуди мастерските студии „Master Online Photovoltaics“, коишто се отворени и за студенти од странство.

Автори: Клаудија Унзелд / Габи Ројхер / Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска