1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрдоркото Трамп ја загрижува Германија

Рихард Фукс
19 мај 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ проследи на Русија документи на странска тајна служба. Дали е тоа причина за загриженост и во Германија? И колку е германската БНД врзана за службите на САД?

https://p.dw.com/p/2dDp6
Trump Symbolbild Geheimnisverrat Dokument
Фотографија: Getty Images/M.Ngan

Аферата на Трамп со тајните служби предизвика вознемиреност и во Германија. Пратениците во Бундестагот би сакале да дознаат колку се тајните извори сѐ уште безбедни, доколку се земе во предвид дека американскиот претседател документите од тајната служба со таква леснотија ги проследува на трети страни.
Според медиумските извештаи, Трамп би сакал да ја спречи истрагата која ФБИ ја води за неговите контакти со Москва и за предавањето на тајните документи на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. И тоа очигледно без претходни консултации со израелската тајна служба која, исто така, со тоа била директно погодена. Дали на тој начин и информациите на германската БНД минуваат низ различни раце во Вашингтон? И потоа заминуваат во рацете на сомнителни партнери?

Ханс-Кристијан Штребеле, член на Комисијата за контрола на работата на германската тајна служба од редот на Зелените, остро го критикува претседателот. За Дојчландфунк Штребеле изјави дека Трамп „гази со нозе врз доверливите извори на странските тајни служби, не ги почитува етаблираните правила и поради тоа би требало да сноси последици“. Штребеле притоа мисли на германската влада.
Но, Владата засега не гледа причина за акција. На директно прашање од новинарите дали со тоа се погодени и тајни информации на германските служби, портпаролот на владата Штефан Зајберт не одговори. Само рече дека во овој конкретен случај само парламентарната комисија има право да дознае повеќе.

Bundestag - NSA Untersuchungsausschuss
Константин фон НоцФотографија: picture-alliance/dpa/Tim Brakemeier

Дали Германија мора да споделува информации?

Без оглед на актуелните обвинувања на сметка на американскиот претседател, и натаму е во германски интерес да се споделуваат сознанија со тајните служби на партнерски земји, вклучително и со САД, вели Зајберт.
Експертот за работата на тајните служби Флоријан Пајл во изјава за јавниот сервис АРД, ги засили тие аргументи: „Кога се работи за добивањето информации, германската БНД сѐ уште, особено во техничката област, силно се потпира врз американската тајна служба“. Поради тоа, додава Пајл, конфронтацијата во овој случај е исклучена.
Тоа во разговор за ДВ го потврдува и политичарот на Зелените, Константин фон Ноц. „Сојузната влада е многу попустлива кон американските партнери и преку германските служби им проследува многу доверливи информации на американските служби. Но, таа на поинаков начин се однесува кон Бундестагот, затоа што релевантните информации не можат да се контролираат во парламентот поради наводна доверливост“.

Bundeskanzlerin Angela Merkel
Каква судбина би доживеала Меркел кога би била на местото на Трамп?Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Што би ѝ се случило на Меркел?

Некои се прашуваат што би ѝ се случило на Ангела Меркел доколку, како Доналд Трамп, проследува доверливи информации? Трамп на Твитер објави дека има право да го спушти прагот на доверливост на некоја информација. Експертите за уставно право потврдуваат дека правно тоа е во ред, но оценуваат дека политички- тоа е невообичаено.
А во Германија? Деловникот на сојузната влада не дава поточни информации за тоа. Експертот за уставно право, професорот Улрих Ромелфангер за ДВ вели дека во него е опишана улогата на канцеларката, но дека „има многу малку или речиси ништо за прашањата на чување на тајноста и обврските на канцеларката“. Во секој случај, канцеларката е обврзана со заклетва дека ќе работи за доброто на државата.
Проследувањето на доверливи информации на Русија би било „повреда на заклетвата“, вели професор Ромелфангер. А доколку во парламентот се најде мнозинство пратеници со слично мислење, тогаш може да и се изгласа и недоверба.
„Во поновата историја на Германија немало таков случај, но уверен сум дека тоа никој политички не би го преживеал“, заклучува Ромелфангер.