1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДПА ја обвини ДУИ за апсењето на Муслиу

23 ноември 2010

Македонската полиција потврди дека поранешниот функционер на службата за државна безбедност Хисен Муслиу бил уапсен во Тетово. ДПА за апсењето го обвини највисокото раководство на ДУИ, од каде пак демантираа вмешаност.

https://p.dw.com/p/QGBx
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

На денешната прес-конференција во Тетово Деморатската партија на Албанците го обвини лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети дека синоќешното приведување на пензионираниот началник на тетовската служба за државна безбедност и контраразузнување, Хисен Муслиу било извршено во Тетово по негов директен налог. Имер Алиу, координаторот на пратеничката група на ДПА, притоа уште еднаш го обвини Ахмети дека бил и продолжува да биде соработник на српската УДБА.

Од друга страна координаторот на пратеничката група на ДУИ, Тахир Хани, во изјава за Дојче веле порача дека ова се активности на полицијата, во кои тој и неговата партија не се мешаат, а со кои започнува кривичното гонење на фалсификаторите и растурачите на лажните лустрациски досијеа. Хани уште најави дека неговата партија веќе има доставено своја предлог декларација до координаторите на пратеничките групи, со која ќе се предвидува парламентот да побара целосно расчистување на овие случаи.

Инаку откако се појавија досијеата за соработка со тајните служби, кои се однесуваа на високи функционери на ДУИ, од оваа партија го обвинија Хисен Муслиу дека учествувал во фалсификувањето на досијеата. Поранешниот функционер тогаш ги отфрли обвинувањата и се бранеше дека само бил професионалец во СДБ. Комисијата за лустрација неодамна ги отфрли досиејата „Мама“, „Вујко“, „Ибар“ и „Стрелец“, кои се однесуваа на високи функционери на ДУИ, како неверодостојни.

Автор: Свето Тоевски/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска