„Достоинство“ бара зачувување на достинството
17 мај 2009И по осум години од конфликтот во Македонија во 2001 година, воените инвалиди ги носат траумите на војната, а сега, како што велат, уште поголеми трауми имаат од фактот дека не се разбрани и се останати без поддршка од државата, на која безусловно и‘ излегоа во пресрет кога тоа од нив беше побарано.
Полицискиот генерал, Стојанче Ангелов, прв човек на „Достоинство“ вели дека 14-те илјади членови на здружението ќе чекаат еден месец за владата или пратениците да им излезат пресрет на нивните барања за поголеми права, пред се‘ во социјалната сфера: „Бидејќи најдоа забелешки на нашиот текст на предлог закон, одлучивме од нив да побараме самите да изработат нивна верзија на предлог закон и да го изгласаат. Во еден момент, премиерот Груевски кажа дека ни‘ бил понуден хрватскиот модел на закон за бранители, што не е точно. Премиерот во таа своја изјава рече дека владата стои на таквата понуда и затоа ние од нејзе побаравме да го прилагоди хрватскиот модел на закон за бранители на македонски услови и тој да биде даден во Собранието.“
Пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов е подготвен да се појави како подносител на овој закон.
Автор: Сашко Димевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска