1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доселениците со повисоко образование од Германците

Штефани Харпер/ Жана Ацеска27 мај 2013

Новите доселеници во Германија се се‘ подобро квалификувани. Тоа посебно важи за оние кои доаѓаат од Азија, централна и источна Европа. Тоа е добивка за сите, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/18eYD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Родното место на Шуо Чен е оддалечено 12 часа возење од Шангај. За да му овозможи подобро образование, неговото семејство решило на возраст од шест години да го испрати да живее кај роднините во Шангај и таму да оди во училиште, далеку од родителите.

На 19-годишна возраст Шуо се решил на уште покрупен чекор, од кинеската метропола се преселил во Германија, за во Вормс да студира економија. Денес, во меѓувреме 35-годишниот Шуо има раководна позиција во едно германско претпријатие од машинската индустрија. Успешна приказна, која според експертите, не е ретка.

Од Кина доаѓа елитата за овде да студира информатика, еконоимија или инженерство, објаснува Тобиа Буш, посредник во доаѓањето кинески стручни и раководни лица од фирмата „Персоналглобал“ во разговор за Дојче веле.

„Тоа е позитивен прилив на луѓе кои донесуваат многу сила, енергија и амбиции“.

Додека богатите деца на политичките функционери од Кина одат на некој од скапите топ-универзитети во Велика Британија или САД, талентите со помала поддршка доаѓаат на поволни студии во Германија. Во Германија живеат вкупно околу 20 илјади до 30 илјади студенти или веќе дипломирани академци од Кина.

„Кина игра поголема улога при доселувањето, отколку што мислат луѓето“, вели Буш.

Symbolbild Fachkräftemangel in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Расте бројот висококвалификувани доселеници

Како и претходно, во Германија постои претставата за лошо квалификувани доселеници, истакнува истражувачот на пазарот на работна сила, Херберт Брикер. Но, всушност е токму спротивно. На барање на фондацијата Бертелсман, тој изработи студија. Според неа, денес 43 проценти од новите доселеници меѓу 15 и 65 години имаат висока квалификација, завршен факултет или виша школа. Бројот е двојно поголем отколку во 2000. година. Кај Германците без странски корени, само 26 проценти имаат соодветен степен на образование. Истовремено, бројот на нискоквалификувани од 40 се намалил на 25 проценти.

Покрај Кинезите, корен во Германија сакаат да фатат пред се‘ луѓе од новите ЕУ-членки од централна и источна Европа.

„Доселувањето во време на евро-криза се разбира е засилено“, констатира Брикер во разговор за Дојче веле. Поранешните земји, кои беа цел на доселување, како Шпанија, Италија, Велика Британија и Ирска, сега не се повеќе атрактивни поради високата невработеност. Германската Служба за статистика соопшти дека лани во земјата се доселиле 369 илјади луѓе повеќе отколку што се отселиле. Тоа е највисоката вредност од 1995. година наваму.

Надминување на бирократските пречки

Бројот доселеници меѓутоа може повторно да се намали со завршувањето на еврокризата, проценува претседателот на управата на фондацијата Бертелсман, Јерг Дрегер. Притоа, Германија, како и порано, е упатенa на квалификувани и образовани доселеници:

„Ние имаме потреба од висококвалификувани луѓе поради стареењето на населението и опасноста од нестабилност на нашите социјални системи, зашто се‘ помалку млади луѓе треба да финансираат се‘ поголем број постари луѓе“, предупредува тој.

Фондацијата затоа се залага за нова политика на доселување. Една т.н. „црно-црвено-златна“ карта треба да биде доделена на стручњаците во одредени професии, кај кои постои недостиг во Германија. Притоа, треба да се води сметка за профилот на квалификации на доселениците и потребата на германскиот пазар на работна сила. Картата треба да гарантира право на неограничен престој и работна дозвола. Така во Германија треба да бидат привлечени „паметните глави“.

Herbert Brücker Institut für Arbeitsmarkt und Berufsforschung
Херберт БрикерФотографија: privat

„Всушност, ние конкурираме со САД, Канада и Австралија“, вели експертот Брикер. И овие земји се стремат кон привлекување доселеници преку т.н. систем на поени.

„Нам ни требаат не само промени во правото, во што последниве години се извршени некои чекори, туку паралелно и јасна стратегија на привлекување доселеници“.

Во тоа спаѓа и побрзо и подобро признавање на странските дипломи. Уште во 2012 година во Германија стапи во сила законот за признавање странски квалификации, но се‘уште постојат големи бирократски пречки.

„Главниот проблем е што образовните системи во Европа се целосно различни“.

Така, најголем број земји нема дуален систем на образование низ работа, како Германија и Австрија. Наместо работата да се учи директно во претпријатијата, квалификациите во многу земји се стекнуваат само во училиште.

Профитираат земјите од каде се врши иселување

Но, како се снаоѓаат земјите од кои младите стручњаци бараат леб надвор од границите: Веќе со години експертите предупредуваат од т.н. бреиндреин, растечкиот одлив на висококвалификувани луѓе, кој им штети на домашните економии. За експертот Брикер доселувањето во Германија има позитивни ефекти и за земјите од кои доаѓаат доселениците:

„Со иселувањето опаѓа и стапката на невработеност. Со тоа државата и стопанството бележат позитивен поен, зашто се намалува оптовареноста по глава на жител“.