Дортмунд -најголем добитник на колото
6 февруари 2012Актуелниот шампион во првата фудбалска лига во Германија повторно ја превзема улогата на фаворит и има предност во четворобојот за титулата. „Ние не се знимаваме со тоа“ изјави тренерот на Борусија Дортмунд Јирген Клоп по победата од 2:0 на гостувањето во Нирнберг. следејќи ја стратегијата од минатата година, кога тој и неговите играчи не говореа за шампионските амбиции се’ до самиот крај на сезоната, иако „црно-жолтите“ доминираа во цел нејзин тек.
Бајерн Минхен под притисок
Ова е само вторпат сезонава бранителот на титулата да го преземе водстовото на табелата оставајќи ги во моментов зад себе Бајерн Минхен, Шалке 04 и Борусија Менхенгладбах, кои освоија само по еден бод.
„Ова не е оптимален старт во вториот дел од сезоната. Сега сме под притисок и тоа говори се’“, изјави спортскиот директор на Бајерн, Кристијан Нерлингер по мечот во Хамбург против домашната екипа кој заврши со 1:1 и го остави Бајерн со два поени заостанување зад Дортмунд.
По пет последователни победи и третопласираниот тим на Шалке успеа да игра само 1:1 на домашен терен против Мајнц, каде капитен е македонскиот репрезентативец Николче Новески, кој одигра солидна партија. И изненадувањето на сезоната Борусија од Менхенгладбах одигра само 0:0 на гостувањето во Волфсбург и со 40 бодови се цврсто стои на 4. место на табелата.
Драмата околу Балак продолжува
Во тоа помогнаа и нерешените резултати на средбите на кандидатите за висок пласман Бајер Леверкузен и Вердер Бремен чии натпревари против Штудгарт и Фрајбург во саботата односно неделата завршија со идентични 2:2. Во Леверкузен продолжи драмата околу долги години најголемата ѕвезда на германскиот фудбал Михаел Балак. 35- годишниот фудбалер на Леверкузен по кавгите со тренерот Робин Дут и со раководството на клубот, повторно одседи цели 90 минути на клупата за резервни играчи. Германските медиуми во чекор ги следат случувањата околу поранешниот капитен на репрезентацијата кој претходно ги растури односите и со сојузниот селектор Јоаким Лев.
2:2 заврши и мечот меѓу Хофенхајм и „новајлијата“ Аугсбург. Во преостанатите 2 натпревари од 20. коло во Бундеслигата, гостинските екипи славеа минимални победи од 1:0. Келн по цели 22 години успеа да извојува победа на стадионот на Кајзерслаутерн- „Беценберг“, а Хановер и го нанесе на Херта од Берлин третиот пораз во третото пролетно коло.
Автор: Симе Недевски/ БГ/дпа/сид
Редактор: Борис Георгиевски