1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домаќинот Португалија е првиот финалист на Европското првенство во фудбал .

1 јули 2004

Со убедлива игра , екипата на Луис Фелипе Сколари , предводена од извонредниот капитен Луис Фиго во вчерашното полуфинале во Лисабон ја совлада Холандија со 2:1 .

https://p.dw.com/p/AcMY
Големо славје во Лисабон
Големо славје во ЛисабонФотографија: AP

Ова е првпат Португалцита да се пласираат во финале на некое големо натпреварување , а за “лалињата“ вчерашниот пораз значеше вторпат по ред испаѓање во полуфиналето на европските првенства.

На предводникот на португалската екипа Луис Фиго , кој синоќа блескаше и го заслужи епитетот играч на натпреварот му беше тешко да ги објасни своите чувства по победата:

“Тешко ми е да објаснам што чувствувам во овој момент. Многу се мачевме за да стигнеме до финалето во нашата земја. Не можеме да посакаме повеќе од ова” –истакна Фиго по натпреварот , во кој Португалија играше далеку поубедливо , поорганизирано и покреативно како во нападот така и во одбраната.

Холандските фудбалери , заостануваа во овие елементи иако од индивидуални акции неколкупати пред се во првото полувреме сериозно се заканија пред голот на Рикардо. По убедливото водство на Португалија преку головите на Кристијано Роналдо и Маниш , сепак последните 20-ина минути од натпреварот, минаа во една резултатска неизвесност со оглед дека во 63 минута автогол си постигна Португалецот Жорж Андраде. Холандија не направи многу напори резултатската да стане и фактичка неизвесност.

Селекторот на Португалците Луис Фелипе Сколари , понесен од еуфоријата по натпреварот истакна дека синоќешната победа му била подрага од титулата светски шампион која пред две години ја освои со екипата на родниот Бразил.

“Ова за мене е магичен момент” –истакна Сколари.

Што се однесува до "Лалињата" , нивната најголема ѕвезда на турнирот Руд ван Нистелрој , кој заминува од шампионатот со четири постигнати голови , беше незадоволен од судењето на натпреварот .

“Неверојатно е како судијата Андрес Фриск работеше во корист на Португалија. Тој беше вистинско домашно свирче”- изјави изнервираниот Руд Ван Нистелрој.

Селекторот Дик Адвокат , пак истакна дека не можел да го разбере стравот кој владеел кај неговата екипа но и оти може да живее со поразот од подобар. Тој уште најави дека за неговата оставка ќе се расправа наредната недела , истакнувајќи дека му е дојдено преку глава од големиот број критичари за неговата работа.

Денеска во Португалија се игра вториот полуфинален натпревар , во кој се среќаваат најголемото изненадување и најубедливата екипа на шампионатот досега. Чешка и Грција ќе ги одмерат силите секоја со надеж дека ќе обезбеди место на зелениот терен со Португалија во недела кога се игра финалето на првенството.