1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дознајте се’ за музичкиот живот во Германија

19 јуни 2011

На меѓународен план Германија веќе долго важи за музичка земја број еден. Одговори на многу молби за информации кои доаѓаат од странство сега можат да се најдат во книгата на англиски јазик „Musical Life in Germany" .

https://p.dw.com/p/11bwu
Насловната страница на книгата „Музичкиот живот во Германија“Фотографија: MIZ

Германија поседува не само уникатно музичко наследство со големи композитори како Бетовен, Брамс или Вагнер, туку и шарениот пејсаж на музички фестивали секоја година привлекува многубројни интернационални посетители во земјата. Странски студенти се запушуваат во германските музички факултети и неретко тие остануваат тука и по нивното дипломирање за да свират во некој од многубројните оркестри. Значи не зачудува што Центарот за музички информации од Бон (во оригинал: Musicinformationszentrum Bonn или накусо MIZ) се обидува да одговори на многу прашања кои доаѓаат од странство како на пример прашања за образованието, за оркестрите, музичките театри и фестивалите. На меѓународниот интерес за музичкиот живот во Германија сега соодветно му се одговара. Центарот од Бон гордо ја презентира публикацијата на 300 страници на англиски јазик наречена „Музичкиот живот во Германија“ во која можат да се најдат актуелни информации за се’ што го одбележува германскиот музички живот.

Невообичаени маркетиншки потези

Redakteure Musical Life in Germany
Марго Валшајд и Штефан Шулмајстрат, редактори на книгатаФотографија: Marita Berg

Марго Валшајд од Центарот за музички информации во Бон го организираше издавањето на книгата: „Добиваме многу, многу прашања за Германија од меѓународната сцена, од поединци, од научници, новинари, педагози, истражувачи на културата. Тоа така да се каже беше мотивација да одлучиме дека тука мораме да собереме информации на англиски јазик и да бидеме подготвени за прашањата.“

Со цел за објавувањето на книгата да се дознае и во странство и таа да стане достапна, Центарот во Бон превзема невообичаени маркетиншки чекори. Штефан Шулмајстрат беше истотака вклучен во работата на публикацијата:

„Ние се разбира сме заинтересирани за тоа публикацијата широко да ја распространиме. И тоа по можност во целиот свет. Работиме на тоа со помош на министерството за надворешни работи, книгата да ја распоредиме во амбасадите и конзулатите на Германија ширум светот. Но работиме и на тоа публикацијата да ја испратиме и до Гете институтите.“

Информациите достапни и онлајн

Screenshot MIZ.org
Скриншот од онлајн по нудата на Центарот за музички информации во БонФотографија: http://www.miz.org/musical-life-in-germany/

Но за книгата да стигне до што е можно поголем број вљубеници во музиката, таа се разбира не треба да остане ограничена само на споменатите институции: „Нам ни е многу важно, широко да ја распространиме публикацијата зашто музичкиот живот во Германија припаѓа кон најживописните во светот и има голема привлечна моќ и на меѓународен план. Затоа одлучивме целокупната содржина на публикацијата да ја ставиме на располагање и на интернет, што значи дека можете на нашата веб-страница во моментов да ги погледнете сите текстови, бројните статистики, табели и графикони кои ги имаме објавено во книгата“.

Интернет адресата на Центарот во Бон гласи: www.miz.org

Тука можат да се прочитаат сите 15 стручни прилози од книгата, односно текстови за музичкото воспитување и за професионалната музичка наобразба, за оркестрите, музичките театри и фестивалите, но и за попмузичката сцена и за институциите како библиотеките или пак музичките архиви. Прилозите се збогатени и направени поприемчиви преку бројни фотографии, графикони и географски карти на кои на прв поглед се гледа во кои градови има музички факултети, а каде оркестри и музички театри.

Извонредни реакции

Но, во оваа во сеопфатната документација не се опфатени само убавите страни на германскиот музички живот туку и се говори и за слабостите:

Musical Life in Germany Seiten 68-69
Страницата 68 од книгата „Музичкиот живот во Германија“Фотографија: MIZ

„Од друга страна, за навистина да пренесеме диференцирана слика за музичкиот живот треба се разбира да укажеме и на проблемите и темите за дискусија. Зашто сите знаеме дека во рамките на музичкото образование во Германија има и дефицити. Тоа се однесува на понудата во детските градинки. Не секоја градинка има музичка понуда за децата. На музичките училишта пак има големи листи за чекање. Значи има многу голем интерес и не можат да бидат примени сите ученици. И ние во книгата упативме токму на ваквите културно-политички и музичко-политички дискусии“, вели Марго Валшајд.

Со објавувањето на книгата „Музичкиот живот во Германија“, на Центарот за музички информации од Бон навистина му успеа подвиг. Тоа го потврдуваат не само големиот број кликови на интернет страницата на Центарот, туку и речиси распродаденото прво издание на книгата, така што наскоро веќе е неопходно нејзино второ издание.

„Има извонредни реакции на публикацијата. Ние во меѓувреме имаме толку голема побарувачка така што повеќе не можеме да ги услужиме сите“, вели соработникот на Центарот за музички информации во Бон.

Автор: Марита Берг/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска