Доживотен затвор за екс-претседателот на Тунис
19 јули 2012Поранешниот туниски претседател Зин ал Абидан Бен Али денеска е осуден на доживотен затвор за соучество во убиства на демонстранти.
Според анонимен судија од воениот трибунал во главниот град Тунис, пресудата е донесена за убиството на 43 демонстранти во протестите со кои Бен Али беше соборен од власт во јануари минатата година и кои го означија почетокот на Арапската пролет.
Бен Али беше суден во отсуство, бидејќи живее во егзил во Саудиска Арабија.
Под истите обвиненија осудени се и околу 40 претставници на стариот режим, кои добија казни меѓу 5 и 20 години затвор. Поранешниот началник на обезбедувањето на тунискиот претседател генерал Али Сериати е осуден на 20 години затвор, а поранешниот министер за внатрешни работи Рафик Белхаџ Касемна 15 години.
Роднините на жртвите реагираа остро при донесувањето на пресудите. Според нив судот бил благонаклонет кон Сериати и Касем.
Над 300 лица загинаа во бунтот против Бен Али, кој избувна на 17 декември 2010 година и доведе до бегство на тунискиот претседател во Саудиска Арабија на 14 јануари 2011 година.