1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доделени „златните мечки“

Агенции (Г.Ч.)15 февруари 2009

Главната награда на меѓународниот Филмски фестивал во Берлин годинава оди во рацете на перуанската режисерка Клаудија Љоса за остварувањето „Млеко на страдањето“.

https://p.dw.com/p/GuXg
Претседателката на жирито Тилда Свинтон со тимот на победничкиот филм од ПеруФотографија: AP

Во центарот на филмот „Млеко на страдањето“ се наоѓа младата девојка Фауста, која во времето на диктатурата и теророт во Перу од 80 и 90-тите години се наоѓала уште во утробата на мајка и’. Мајката е жртва на силување за време на бременоста, од што сега младата девојка трпи сериозни психички последици. Ова е прв пат филм од Перу да се најде во официјалната конкуренција и веднаш ја доби „златната мечка“. Инаку, ова е втор пат по ред „златната мечка“ за најдобро остварување да ја добие остварување од Латинска Америка. Минатата 2008 година беше награден филмот „Тропа де елите“ на бразилскиот режисер Жозе Падиља.

„Златната мечка“ за најдобар режисер ја доби Иранецот Асгар Фархади за социјалната драма „Се’ за Ели“. За најдобар актер годинава е прогласен 72-годишниот Сотиги Кујате од Мали за улогата во филмот „Лондон ривер“. Филмот се занимава со последиците од терористичките напади во Лондон во 2005-та година.

Германската љубовна драма „Сите други“ ја доби специјалната награда на жирито, а актерката во филмот, Австријката Биргит Минихмајр ја доби сребрената мечка за актерски достигнувања.