1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Додека да стигнат, на бугарските вакцини ќе им истече рокот

БГ
8 септември 2021

Бугарското собрание денеска ја одобри донацијата од над 50.000 вакцини за Северна Македонија. Се очекува брза испорака со оглед дека рокот им истекува на крајот на месецов.

https://p.dw.com/p/404OJ
Bulgarien Sofia neues Parlamentsgebäude
Фотографија: BGNES

Долговетуваната донација од Фајзер вакцини од соседна Бугарија конечно ќе пристигне во земјава. Се работи за над 50 илјади дози вакцини Фајзер/Бајонтек чиј рок на употреба истекува на 30 септември годинава. 

„Конкретно за Северна Македонија, изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември“, изјави за време на парламентарната дискусија, министерот за здравство Стојчо Кацаров. Тој објасни дека компанијата „Фајзер“ не дозволила ниту една земја да обезбедува, продава или донира вакцини без ратификација од Народното собрание. Според Кацаров, донацијата требало да се изврши во јуни, но поради проблеми со процедурите тоа не успеало. 

Македонското Министерството за здравство информираше дека согласно точните проекции за потребите за ревакцина со „Фајзер", како и големиот интерес за прва доза од овој производител, сите дози ќе бидат аплицирани пред истекување на рокот на важноста. Вакцините од производителот „Фајзер" кои треба да пристигнат како донација од Бугарија, ќе бидат аплицирани за 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите. Согласно договорот со  Бугарија, вакцините ќе бидат достапни на 14 септември на пунктовите во земјата, што значи дека има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена.

Лански ветувања 

Бугарија вети дека ќе издвојува вакцини за Северна Македонија од секоја пратка која ќе ја добива на 22 декември минатата година. Тогаш и министерот за здравство Венко Филипче присуствуваше на владината седница во Софија и доби ветување дека вакцините паралелно ќе присуствуваат и во Бугарија и во С. Македонија. 

Станува збор за гест со чисто срце без задкулисни намери, ќе изјави тогаш бугарскиот премиер Бојко Борисов. 

Кон крајот на мај, за време на Самитот на ЕУ, бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека за неговата земја е приоритет споделувањето на вакцините со Северна Македонија и регионот. 

„Ќе го разгледаме механизмот за споделување на вакцини од држави членки кон трети земји. За Бугарија приоритет е Западниот Балкан со Северна Македонија на врвот“, рече Радев.