1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доверителите се караат, Грција чека пари

Бернд Ригерт
23 мај 2017

Еврогрупата ја одложи одлуката за доделување натамошни кредити на Грција. Овојпат ММФ и Европејците се расправаа околу тоа дали Грција било когаш ќе може да ги врати долговите.

https://p.dw.com/p/2dQaL
Griechenland Hilfen Parlament Athen Flagge
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Plegas

Следните поголеми рати од обврските од кредити земени кај приватни инвеститори, Европската централна банка и ММФ, Грција треба да ги плати од 17 до 20 јули, вкупната сума изнесува околу шест милијарди евра. За да може да плати, Грција треба да добие нов кредит од Европскиот спасувачки фонд, ЕМС. Значи, должничкиот рингишпил се врти и натаму - стар кредит се заменува со нов. Дотогаш има уште шест недели, доволно време за евро-министрите за финансии и ЕМС да ја донесат одлуката, согласност да даде и германскиот Бундестаг, барем така мислат ЕУ-дипломатите во Брисел, кои досега се справуваа со дузина рокови во грчката должничка драма. 

Deutschland European Left Kongress in Berlin
Алексис Ципрас се надева на отпис на долговиФотографија: picture alliance/NurPhoto/E. Contini

Распрсната надеж во Грција

Грчката влада на левичарскиот политичар Алексис Ципрас повторно подгреваше очекувања да се случи хероички судир со доверителите и бараше одлука за отпис на долговите. Неговите надежи очигледно биле подгреани од телефонскиот разговор со новиот француски претседател Емануел Макрон во понеделникот. Тој на грчкиот премиер ми ветил „скора меѓународна одлука за отпис на грчките долгови“, како што соопшти Елисејската палата во Париз. Бидејќи француската држава, како и останатите евро-држави преку своите удели во ЕМС, спаѓаат во најголемите доверители на Грција, Макрон би морал отписот да го финансира од сопствениот буџет. „Се надеваме дека тоа му е јасно на новиот претседател“, коментираше на тоа еден ЕУ-дипломат во Брисел.

Грција го исполни својот дел од обврските, констатирано е по втората проверка на тековната програма за финансиска помош. Но, спорен е вториот услов, кој исто така беше анализиран при проверката - колку е Грција всушност кредитоспособна. Тука доверителите не можеа да најдат заеднички именител. Европската комисија и многу евро-држави се на мислење дека планост за финансиски спас функционира, декаГрците го имаат под контрола својот буџет и за нови олеснувања на долговите треба да се одлучува дури по една година. Но, ММФ има поинакво гледиште. Експертите од Вашингтон се сомневаат во ЕУ-проценката според која примарниот суфицит во грчкиот буџет изнесува 3,5 проценти и го проценуваат на 1,5 насто годишно, со што Грција во идните години тешко ќе ја оствари амбициозната цел за економски пораст.

IWF Direktorin des Internationalen Währungsfond, Christine Lagarde
Кристин Лагард - ММФ со различен став од Греманија во однос на грчките долговиФотографија: Reuters/M. Theiler

Избегнувајќи го суштинскиот израз „отпис на долговите“, ММФ инсистира итно да се спроведат олеснувања во отплатата на долговите, што пак Германија и Австрија не сакаат по никоја цена. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ставот на ММФ го смета за премногу песимистички. Тој инсистира за среднорочни олеснувања во враќањето на долговите да се разговара по завршувањето на тековната програма за финансиска помош, значи по повеќе од една година, односно по изборите за Бундестагот во септември. Кавгата, која се води главно меѓу ММФ и Германија, синоќа не можеше да се надмине. Претседателот на Еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јерон Дејселблум, изрази разочараност, зашто без учество на ММФ во тековната програма за помош, не може да се вршат исплати, така предвидуваат правилата донесени пред една година. Грција сега мора да чека. 

Интерна кавга во германската коалиција 

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел од СПД, за разлика од неговиот колега Шојбле од ЦДУ, побара на Грција сега да ѝ се олесни враќањето на долговите, со оглед што Грците напорно штедеа. Шојбле пак му препорача на Габриел, без лично да го именува, добро да ги проучи соодветните заклучоци на Бундестагот, пред да бара отпис на грчките долгови. „Германскиот министер за финансии не може да разговара за отпис на долгови, ако за тоа нема мандат од Бундестагот, а таков нема. Така, се води искривена дебата, која можеби може да се објасни со недоволни познавања“, изјави Шојбле во Брисел.

Натегањата околу грчкиот долг ќе продолжат до следниот состанок на Еврогрупата на 15 јуни во Луксембург, кој исто така не мора да биде решавачки. До средината на јули има доволно време за вонредна седница.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија