050111 Australien Hochwasser
5 јануари 2011Се чини дека состојбата се стабилизира, изјави денеска градоначалникот на градот Рокхемптон, Бред Картер. Тоа е особено важно за снабдувањето на градот со околу 75.000 жители, бидејќи на критичната точка од 9 метри и 40 сантиметри реката Фицрој ќе ја преплавеше и последната сообраќајница. Аеродромот во Рокхемптон веќе со денови е затворен, а големи делови од градот се под вода. Надлежните власти ги предупредија граѓаните од погоденото подрачје да се држат подалеку од поплавените региони, бидејќи во матните води може да се кријат крокодили и отровни змии.
„Навистина е многу валкана, не знам од каде се собрало целото ѓубре во водата. Таа е жолтеникаво-кафеава и навистина влева страв“, појаснува жителот на Рокхемптон, Џон Пикок.
Принудна евакуација
Стотици куќи во градот се евакуирани, а жителите се сместени кај роднини и пријатели или, пак, во привремени сместувалишта што ги организираат хуманитарните организации. Метеоролозите сметаат дека дури и ако минало најстрашното, ситуацијата нема брзо да се нормализира.
„Водата ќе остане уште неколку дена на највиското ниво, а потоа веројатно полека ќе се повлекува. И тоа нема да биде под нормалното ниво од осум метри“, појасни метеорологот Питер Бедли.
На југот на покраината Квинсланд состојбата може дури и натаму да се влошува. Во регионот околу градот Сент Џорџ властите сметаат дека реката Балон допрва ќе надоаѓа и може да достигне рекордно ниво од 14 метри. Поплавените региони опфаќаат површина колку Германија и Франција заедно.
Автор: Бернд Муш-Боровска / Горан Чутаноски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска