1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалог наместо закани

19 мај 2010

Меѓународната федерација на новинари го осудува говорот на омраза од страна на некои медиумски личности во Македонија и ги повикува властите и медиумите во земјата на дијалог за решавање на отворените проблеми.

https://p.dw.com/p/NRvi
МедиумиФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓународната федерација на новинари (МФН) го осудува говорот на омраза промовиран од некои македонски медиумски личности и застанува зад реакција на ЗНМ поврзана за настапите на водителот Миленко Неделковски и повиците на ликвидација на оние кои тој ги нарекува „предавници“. Марк Грубер од европската канцеларија на Меѓународната федерација на новинари, со седиште во Брисел, изразува загриженост за слободата на изразување во Македонија: „Ние денеска сме шокирани. Кога некој повикува на убивање на новинари на толку јасен и експлицитен начин, сметаме едноставно дека тоа е неприфатливо. Факт е дека ова што се случи покажува колкав проблем има во Македонија во однос на уредничката и политичката независност, но пред се’ во однос на притисоците. Ова не е повеќе од притисок, ова е повик за ликвидација и е екстремно загрижувачки.“

Fernsehen total
Фотографија: Illuscope

МФН ова соопштение ќе и го проследи на Европската комисија, вели Грубер за Дојче веле: „Ние ќе ја информираме и Европската комисија и Советот на Европа. Во најмала рака тие треба да знаат што се случува во Македонија. Европската комисија до пред десет години не реагираше за медиумите во земјите кандидати, но сега работите се многу поразлични и ЕК реагира, затоа ние и ќе ја информираме за ова.“

Говорот на омраза треба да се санкционира

Mikrofon

МФН воедно ги повикува сите надлежни институции да ги преземат неопхдните мерки за санкционирање на говорот на омраза и повиците на насилство во медиумите и бара државата да не ги штити промоторите на ваквиот говор.

Ова не е првпат Меѓународната федерација на новинари да реагира за состојбите во македонското новинарство. Последен пат тоа го стори во 2008 кога ги осуди ставовите на премиерот Груевски изнесени во интервјуто за државната новинска агенција МИА, во кое премиерот од македонските дописници во Брисел побара „патриотско известување“. МФН потсети дека улогата на новинарот во општеството не е да биде патриот, туку коректор на власта и чувар на демократијата. МФН ги повикува сите новинари, владата, политичките партии и граѓанскиот сектор да седнат на маса и да ги решат проблемите преку дијалог, кои очигледно стануваат се’ посериозни.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска