1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискусија околу наследник на Рау

3 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQw
Деновите на празници, германската политика ги минува во дискусија околу можниот наследник на актуелниот претседател, Јоханес Рау. Секој политички табор со свои настојувања.

Социјалдемократите се држат до ставот - нов германски претседател да биде жена. Генералниот секретар на СПД, Олаф Шолц, за денешното издание на "Лајпцигер Фолксцајтунг" изјави дека неговата партија е заинтересирана за тоа во Сојузното собрание, кое го бира претседателот на земјата, да има расположение за избор на една жена на врвната функција во државата. Според Шолц, во сите партии има жени квалификувани за оваа должност. Најдоброто време за завршна дискусија околу наследник на Јоханес Рау, вели генералниот секретар на СПД, би бил крајот на јануари или почетокот на февруари.

Опозицијата,пак, која заедно со либералите има тесно мнозинство во Сојузното собрание, си има свои сметки. Така, христијанскиот демократ и премиер на Хесен, Роланд Кох, вели дека кандидатот за иден претседател треба да дојде од редовите на ЦДУ и дека тоа треба да биде Волфганг Шојбле. За магазинот "Штерн", Кох рече дека во партијата има силно настојување за Шојбле како најсоодветен кандидат. Шефот на христијанско- социјалната унија, Едмунд Штојбер, веќе обелодени дека нема намера да се кандидра за сојузен претседател. Генералниот секретар на ЦСУ, Маркус Зедер, вели, дека кандидатот за претседател мора да дојде од редовите на партиите на унијата:

"Тој мора да биде од редовите на унијата и од ниедна друга политичка сила во Германија, зашто унијата го има најголемиот број места во Сојузното собрание."

Ваквите намери на партиите на унијата, пак, воопшто не им се допаѓаат на либералите. Тие не сакаат другите да им наметнуваат свои кандидати. Шефот на ФДП, Гидо Вестервеле, изјави:

"Нема конечно решение - и натаму останува и опцијата за сопствен партиски кандидат за претседател."