1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискриминација во продавница

К. Вагер (ндр)/ Ј.Леон (дв)/ А.Трајковска26 август 2013

Едноставна реченица: „Граѓаните на ЕУ се добредојдени“. Едноставно прашање: „Кој не е добредојден“? Една продавница во Брамше сакаше да ги селектира муштериите, за да се спречи влез на лица од блискиот азилантиски дом.

https://p.dw.com/p/19Vcv
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

На вратата на една продавница во градот Брамше, кое припаѓа на округот Оснабрик беше закачен натпис „Граѓаните на ЕУ овде се добредојдени“ и тоа на пет јазици, меѓу ниви на српски и албански јазик. Пред вратата пак до скоро стоеше и униформирано обезбедување. Провокативниот натпис сугерираше дека таму се добредојдени исклучиво граѓани на ЕУ, особено што пораката беше напишана на странски јазици - јазици на земјите од кои доаѓаат бегалците во Долна Саксонија.

Сѐ започна со незадоволство на граѓаните, кои не сакаат да ја прифатат државната политика кон бегалците и азилантите. На некои граѓани им е доста од странците, кои во Германија престојуваат привремено, а живеат од помош од државата, односно од парите на даночните обврзници. Затоа изминатите денови своето незадоволство го изразија и со учество на улични протести. Некои од нив отидоа и чекор подалеку, па своето незадоволство почнаа да го демонстрираат со мерки кои би можеле да се окарактеризираат како дискриминаторски.

Во управата на продавницата сметале дека немале многу избор. Имало премногу грабежи, за кои во најголем број случаи одговорни биле бегалците. Градската управа беше изненадена од мерките во локалната продавница, но тврди дека од правен аспект не може да преземе многу: „Ние немаме директно влијание на бизнисмените“, вели градоначалникот Лизел Хелтерман (СПД), која упорно се обидува да воспостави контакт со шефовите на продавницата. Таа сакаше да се увери во неопходноста на ваквите мерки, но сопственицте не сакаа да разговараат со неа. Тие не реагираа ниту на барањата на градската управа, ниту на медиумите.

Asylbewerber in Deutschland
Фотографија: dapd

Реакциите меѓу граѓаните се поделени, едни го оправуваат овој чекор, на други пак не им се допадна како реагираше продавницата на зголемениот број кражби.

„Тоа е в ред, повеќе за тоа не можам да кажам (...) веќе не сакав да доаѓам овде. Само вака можат да постигнат разумни луѓе повторно да дојдат да купуваат“, вели еден човек за телевизијата НДР.

„Немам друг избор, тие ми се најблиску“.

„Да не морам не би доаѓал тука да купувам“, вели друг незадоволен граѓанин.

„Не сум сигурен дека е тоа добар метод во борбата против кражбите. Бидејќи треба да се запрашаме, крадат ли само бегалците, зар Германците не крадат?“, додава една жителка во разговор за германската телевизија НДР.

Градоначалнкот Хелтерман пак е загрижена за репутацијата на градот во изборнава година, бидејќи Брамше досега немало проблеми од ваков вид.

Во меѓувреме сопствениците на продавницата одлучија да попуштат. Двајцата униформирани членови на обезбедувањет се заменети со чувар во цивил и е симната таблата.

Конрад Брам од покраинските власти смета дека акцијата е насочена исклучиво против бегалците. „Во разговор со шефот на обезбедувањето ми беше речено дека контролите не биле наменети за нашите граѓани“, вели Брам и додава дека како причина за ригорозните мерки ги навел големиот број грабежи, меѓутоа полицијата тоа не може да го потврди.

Меѓу жителите на градот Брамше има и 600 лица со бегалски статус. Повеќето од нив купуваат во околината во ефтините продавници. „Меѓутоа тоа неможе да биде причина некој да се обвини за грабеж“, истакнува Брам, кој сепак признава, дека голем број граѓани во ова место се пожалиле на штети во своите градини, за кои ги обвинуваат бегалците.

Брамше е специфичен град со 31.000 жители од 92 различни нации. Разлики и несогласувања имало и во минатото, но за тоа секогаш отворено се говорело „Со ваква врста на дискриминација досега не сме биле никогаш соочени“, вели градоначалникот Хелтерман.

Со оглед на тоа дека раководството на продавницата долго пружаше отпор и одбиваше да ја симне таблата со провокативен натпис, оваа локална тема доби политичка тежина. Во меѓувреме се огласи и покраинскиот министер за внатрешни работи Борис Писториус (СПД) кои мерките на продавницата ги нарече срамни. И други политичари го делат неговото мислење, Филиз Полат од Зелените е шокирана од натписот во продавницата. Таа порачува дека на овој начин се нарушува општиот принцип на еднаквост, кој го гарантираат германските закони.