1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дизајнирани божиќни елки во добротворни цели

Катја Лирш/ Жана Ацеска23 декември 2013

Кога дизајнери креираат божиќна елка, можете да си претставите, таа изгледа поинаку од вообичаените. Годинава во Париз беа изложени и понудени на аукција 40 елки од креатори како Жан Пол Готје, Стела МекКартни и Ели Саб

https://p.dw.com/p/1AVTg
Фотографија: Fotolia/megakunstfoto

Во Париз по 18. пат најпознатите дизајнери собираа донации преку креирање божиќни елки, кои потоа се продавани на аукција.

Познатите марки како Диор или Луј Витон се презентираат божиќно, модните дизајнери покажуваат дека освен облека, можат да прават и божиќни дрва.

Кај овој модел не е тешко да се погоди кој е креаторот, се разбира, ова е дело на Жан Пол Готје:

„Мојот корсет е веднаш препознатлив. Сега на божикната елка треба да и‘ се даде уште да се напие киселина, како што правеше баба ми, за половината да биде потенка. Така корсетот може уште малку да се потстегне. Но, јас се придржував кон сите правила, осветлувањето и елката, значи, останувам традиционален.“

Божиќните елки се помалку или повеќе традиционални.

Моделот на Ели Саб е пуристички, оној на Стела Каденте е раскошен.

Оваа мобилна верзија на Хермес е од крокодилска кожа. Оригами-божиќното дрво од Кензо е од хартија:

„Јас и соработниците работевме напорно. Во Јапонија постои традиција на правење фигури со виткање хартија, а ако направиш илјада жерави, тоа носи среќа“.

Јапонскиот моден дизајнер, инаку, нема да го помине Божик во снег, туку на сонце.

„Ќе бидам во Тајланд, на плажа, со парео“.

Жан Пол Готје, напротив, слави традиционално, со семејството во југозападна Франција:

„На Божик кај мене оживуваат сеќавањата од детството, на божикната елка, подароците и доброто јадење.Кај нас за Божик секогаш има бели колбаси со труфел и школки, уште сега се радувам, иако сум на диета, но тогаш ќе ја прекинам за кратко. Зашто, тогаш ќе има и прекрасен божикен колач, полнет со кафе. Јадењето кај нас е секогаш многу важно“.

40-те дизајнерски божикни елки се продаваат на аукција во добротворни цели, годинава во корист на француска организација за помош на болни од рак.

Манифестацијата веќе 18 години ја организира париската модна новинарка Мари Кристијане Марек:

„Модните дизајнери имаат благородно срце. Но, мислам дека им помага и на совеста, да не продаваат само облека и чанти, туку со својот талент да обезбедат и пари во добротворни цели“.

Стела Каденте дополнува:

„Ние сме малку површна бранша, креираме нешто ново, а потоа го отфрламе, го сакаме она што сме го мразеле и одвратно ни е она што некогаш ни изгледало супер...затоа е добро да се направи нешто што има смисол и трае“.

Дизајнерските божикни елки понекогаш достигнуваат само неколку стотици, понекогаш неколку илјади евра. Едно дело на Жан Пол Готје еднаш достигна 10 илјади евра.