1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квалитетни инвеститори кои ќе делат и повисоки плати

Костадин Делимитов
28 ноември 2020

Првиот човек на ТИРЗ ќе го мобилизира регионот за заеднички „лов“ на инвеститори. Вратите ќе се отвораат за оние кои ќе нудат повеќе пари и додадена вредност.

https://p.dw.com/p/3lwvm
Nord-Mazedonien Jovan Despotovski
Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зониФотографија: DW/K. Delimitov

Заеднички настап, наместо регионален натпревар. Северна Македонија ја презема иницијативата за мобилизирање на регионот за создавање на заедничка инвестициска област. Во услови кога станува јасно дека патот кон Европската унија ќе потрае, на брза лента се ставаат планови за подобрување на економските перформанси на Западен Балкан. Идејата е да се засили соработката но и да се зголеми атрактивноста на регионот за реномирани инвеститори и отворање нови и подобро платени работни места:  

„Повисоките плати и животниот стандард се нешто што ги обединува сите луѓе, не само во регионот, туку и во Европа. Од тој аспект регионалната соработка е многу важна и таа треба да се унапредува. Клучот е квалитетот на инвестициите за кои што веќе зборуваме во Северна Македонија, а верувам дека ќе се зборува и во регионот“, смета Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони. 

Но како до поквалитетни инвестиции и подобро платени работни места кога искуствата покажуваат дека безмалку сите досегашни инвеститори во Северна Македонија, но и регионот се со пониска додадена вредност? 

„Акцискиот план во рамки на Берлинскиот процес предвидува креирање заедничка инвестициска област во рамки на Западен Балкан. Тоа подразбира дека државите наместо како досега да се натпреваруваат меѓу себе кој ќе понуди повеќе, односно кој ќе спушти повеќе, преку платформа за соработка да направат заеднички пристап пред потенцијалните инвеститори што е многу важно. Во еден сегмент ќе треба и усогласување на политиките за привлекување на инвеститори. Секој треба да добие широко отворена врата и да се сослуша, но државата е таа и пред се регионот кој треба да се позиционира на начин на кој ќе стави до знаење дека добредојдени се сите меѓутоа сакаме фер игра, која подразбира дека ќе ангажирате луѓе од регионот меѓутоа и ќе ги платите. Доколку кажат немате соодветни вештини, државата тука ќе вложи и ќе помогне, и тоа е еден од начините како на луѓето и  младите ќе им овозможиме перспектива тука“, објаснува Деспотовски. 

Global Ideas | Symbolbild Wirtschaftswachstum
Фотографија: Klaus Ohlenschläger/picture-alliance

Контурите како тоа би изгледало веќе се утврдени со документот подготвен со помош на регионалниот совет за соработка и германската влада во рамки на Берлинскиот процес. Со него е предвидено како ќе се третираат инвестициите од една до друга држава, за да не се случува на товар на јавните финансии да има  натпревар кој ќе земе повеќе инвеститори, туку да се работи на заеднички пристап. Но она што е клучно е реализацијата, процес која допрва треба да се спроведе:

„Во рамки на Берлинскиот процес постојат механизми, има една организација, асоцијација на комори и мислам дека е потребен таков еден пандан од јавниот сектор. Од наша страна ќе следи иницијатива за формирање на слична платформа на која што нашата дирекција односно институциите на останатите земји кои се задолжени за поттикнување на инвестиции би започнале процес на комуникација и размена на информации. Една првична размена на информации која во период од 6 до 18 месеци ќе води кон сериозно седнување, анализа и изготвување на заедничка политика на пристап кон инвеститорите. Тоа е фронтот на кој заеднички треба да работиме“, смета Деспотовски.

Иницијативата за подобрување на инвестициската клима во регионот не е нова, но она што дава надеж е што по подолг период добива и конкретни контури. Посебно по најавите на Брисел и инвестицискиот пакет тежок 12 милијарди евра наменет за проекти во Западен Балкан. Сепак, во услови на сериозна криза предизвикана од пандемијата, прашање е колку реално таа би можела и бргу да се оствари. Според Деспотовски, кризата со пандемијата сепак отвара и шанси за регионот:

„Инвестицискиот пакет од 12 милијарди евра, кој беше најавен на самитот во Загреб се огромни средства кои треба да се искористат. Има веќе проекти и ќе има засилена активност. Приоритетите се многу а можностите се огромни. Дополнително, веќе има и земји од ЕУ кои ги дефинираат своите активности во смисла на скратување на инвестициската рута. Ако досега Кина или Азија беа атрактивна дестинација поради нивото на плати и квалификации, пандемијата покажа дека колку е подолга рутата толку ризиците се поголеми. Тоа е можноста што земјите од нашиот регион дефинитивно треба да ја искористат. Секако не можеме само со добра желба, туку треба и да се понуди нешто“, укажува Деспотовски.

Во стратегијата на македонската влада во делот на инвестициитефокус се и компаниите кои што веќе работат во некои од технолошките зони во државата, но и оние кои што допрва ги реализираат своите инвестиции. 

Дополнително, зголемување на платите на работниците ангажирани во големите капацитети но и поголем влез на домашни компании во глобалните вредносни синџири. Идејата е овој процес да се стимулира со нови програми за финансиска поддршка, што ќе се иницираат во наредниот период. Дел од програмата на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони во наредните четири години е и поттикнувањето на развој на зелена и циркуларна економија, но и влез на приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите.