1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десницата слави триумф, за опозицијата борбата не е завршена

Катерина Блажевска14 април 2014

Аналитичарите со различни оценки за изборните резултати: според едни, пресудиле исклучиво уцените врз гласачите, според други, лошиот имиџ на опозицијата, слабата програмска понуда и несоодветната кампања.

https://p.dw.com/p/1BhOk
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Првиот круг од претседателските избори ја потврди доминацијата на политичката десница во Македонија. Според податоците објавени на веб-страницата на ДИК, на претседателските избори гласале 867.985 избирачи или 48,59 отсто. Од нив 448.303 (51,65) довербата му ја дале на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, 326.069 (35,57) на кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, 38.965 (4,49) на Илијаз Халими од ДПА и 31.360 (3,61) на Зоран Поповски од ГРОМ.

„Македонија покажа дека има разлика и дека нашиот народ точно ја препознава. Оваа поддршка ни дава силен ветер во грбот за 27-ми април, како за изборот на претседател, така и за добивањето на 62 места во парламентот“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Претседателскиот кандидат Иванов, им се заблагодари на граѓаните за поддршката.

„Граѓаните донесоа одлука и како нивен иден концепт ја одбраа тимската работа, инвестициите и реформите. Веруваме во нашиот народ, кој знае да препознае и да поддржи јасен концепт. На 27-ми граѓаните уште еднаш ќе одговорат што мислат за нашиот тим“, рече Иванов и порача дека одбирајќи го ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на коалицијата ќе и донесат 62 пратеника.

Системска кражба

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не крие дека ваквиот резултат од првиот круг на изборите не бил очекуван ниту од опозиција, а според него, ниту од мнозинството граѓани.

„ВМРО-ДПМНЕ преку системска кражба на гласови во деновите пред и на денот на изборите ја спречи волјата на граѓаните. Крајниот резултат е нов удар врз кревката демократија во Македонија. Но, граѓаните ја знаат вистината. Да не дозволиме режимот да триумфира. Овој срам во првиот круг нема да дозволиме да се повтори во вториот изборен круг“, рече Заев. Според Пендаровски, над 320.000 гласови дадени за него, „се храброст во овие услови“.

„Бројот на гласови за кандидатот на власта, не е резултат на неговите квалитети, ниту пак на успесите на политичката структура која го поддржува. До последниот ден ќе се борам за концептот, идеите и вредностите во кои верувам. Уверен сум дека и во вакви услови на систематски притисок, закани и уцени од досегашната структура на власт можеме да дојдеме до победа на 27-ми. Немојте да паѓате со дух, борбата не е завршена“, порача Пендаровски.

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Стево ПендаровскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, е задоволен од резултатот што го постигнал нивниот кандидат.
„Јас сум многу задоволен. Трката на ДПА беше со неколку кила песок во нозете. По две недели овие гласови ќе се преточат во 13 или 14 пратеници“, оцени Тачи. Тој ја коментираше и „нула излезноста“ на некои гласачки места: „Тоа на ништо друго не личи, освен на диктатура. На секој што и аплаудира на диктатурата, таа диктатура после ќе му тргне кон неговата глава“.

Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски им честиташе на кандидатите кои продолжуваат во вториот круг и оцени дека негативна дамка на изборите се големиот број неважечки ливчиња. Претседателскиот кандидат, Зоран Поповски, оцени дека „ГРОМ покажа дека е играч на политичката сцена и продолжува понатаму“.

Зона на страховлада

Според дел од политичките аналитичари ваквите резултати се сосема очекувани. Големата разлика меѓу гласовите на Иванов и Пендаровски ја објаснуваат како резултат од повеќе недостатоци во активностите на опозицијата: одвоените кампањи на СДСМ и Пендаровски, нејасната програмска понуда и перманентниот недостиг од суштински реформи во СДСМ.

„Брендот СДСМ е токсичен бренд, кој асоцира на '90-тите години, на лоша приватизација, ароганција и раскалашеност. Таа го изгуби ореолот на вистинска левица. Денеска левицата повеќе треба да се бара во некои други автентични социјални движења како „Ленка“, отколку во партијата која рефлектира хиперелитизам“, оцени Ивица Боцевски во тв-дебата за изборните резултати.

Според други, за резултатот пресудила исклучиво машинеријата на владејачките партии која се потпира на уцени и притисоците врз гласачите.

„Иако очекував повеќе гласови за кандидатот Пендаровски, сепак, со оглед на реалноста во која живееме не ме изненадува конечниот распоред“, вели поранешниот македонски амбасадор во ОБСЕ, Арсим Зеколи.

„Во првиот круг на натпреварот бевме сведоци на борба помеѓу тековните интереси и ентузијазмот за промени, при што победија интересите на владејачките партии. Медиумската, економската и административна надмоќ на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ наспроти скромните ресурси на СДСМ и ДПА, беа и ќе бидат клучниот момент и на претседателските и парламентарните избори. Т.н. бојкот или референдум за идејата на ДУИ, е досега најјасната илустрација на безмислосната пресија и уцена на која се изложени Албанците од страна на оваа партија. Само наивните можат да поверуваат дека се работи за масовно и спонтано солидаризирање со ставот на Ахмети, а не за контрола на гласачкото тело со условување на семејствата преку вработените во администрацијата. Пример за тоа е минималната излезност на гласачите во најсиромашните подрачја во Скопско и Кумановско или во родниот крај на Ахмети, во Кичево. Стравувам дека таквиот однос подразбира надминување на досегашниот популистички стил на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и навлегување во зона на типична страховлада и апсолутистичко владеење на двете партии. Тој процес започна лани со локалните избори и ќе настојува да се цементира преку тековните, но и сосема можно некои нови предвремени избори следната година. Изборите во Македонија се сведоа на свадбена веселба со познати зетови и невести, по која следува брак од интерес во несреќен дом“, изјави Зеколи за ДВ.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski

Триумфот на ДУИ

Малиот одѕив на изборите во средините каде доминира албанско население, го отвори прашањето дали и колку бојкотот на ДУИ влијаеше врз изборните резултат. Во ДУИ сметаат дека ним тој им донел триумф.

„Албанците кажаа 'да' за меѓуетничката консензуалност како концепт во Република Македонија и 'не' за едностраното владеење, односно за едностраниот претседател. Денеска триумфираше идејата на ДУИ. Нашата цел беше таа идеја да остане жива. Не се повлекуваме од неа. Со плебисцитарната поддршка што ја добивме денеска, добивме ветер во нашите едра да продолжиме и понатаму се до нејзина конечна реализација“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

60 Jahre DW Erol Rizaov mazedonischer Journalist
Ерол РизаовФотографија: privat

Според уредникот во „Утрински весник“, Ерол Ризаов, наскоро ќе се види дали тоа е договорена парада меѓу досегашните коалициски партнери за нарачана етничка изборна хомогенизација или ќе предизвика уште поголеми тензии на 27 април.

„ДУИ и при бојкот ја покажа својата сила. Дали Ахмети на 27 април ќе дојде по невестата како што најави, или од свадбата ќе се врати со наведната глава без невеста, како што му одговори Груевски нарачувајќи 62 пратеника, останува да видиме. Но, ако се суди по дисциплинираноста на гласачите на ДУИ, сигурно е дека Ахмети може да одигра нова значајна улога во натамошната трка кој ќе биде претседател на Македонија, но и кој ќе биде премиер“, оцени Ризаов. Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања (ИПИС), кој и претходно прогнозираше предност од над 100.000 гласови за десницата, оваа разлика во гласовите ќе и даде дополнителна психолошка предност на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори.

Иако набљудувачите од МОСТ и Цивил јавуваа за низа регуларности во изборниот процес, ДИК доцна синоќа оцени дека изборите се спроведени во мирна, фер и демократска атмосфера, а единствен инцидент е забележан во Неготино, каде вчера во попладневните часови непознато лице искршило гласачка кутија.

Додека по овие резултати неизвесноста за исходот од вториот круг се претвора во извесност, аналитичарите предупредуваат на внимателност во прогнозите. Потсетуваат на претседателските избори во 2009. година, кога фаворитот од првиот круг беше драматично поразен во вториот. За изборниот резултат тогаш пресудија гласовите на Албанците. На чие конто ќе завршат тие овојпат, и дали воопшто ќе добијат „виза“ да гласаат, никој не се осмелува да прогнозира.