1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици мртви, пустош и неизвесност во Италија

ЕМФ/афп/ртр/дпа24 август 2016

Голем земјотрес ги разбуди среде ноќ жителите на централна Италија. Службата за цивилна заштита зборува за 38 загинати, а агенцијата Анса за над 60 жртви.

https://p.dw.com/p/1JoNC
Фотографија: Reuters/R. Casilli

Засега нема потврда на информацијата на агенцијата Анса дека во земјотресот загинале најмалку 63 луѓе, од кои 35 само во местото Аматриче. Службата за цивилна заштита ја потврди смртта на 38 лица. Сепак, се смета дека бројката ќе се зголемува. Меѓу жртвите има голем број деца.

Земјотресот кој се случи нешто по три часот изутрина бил со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот се наоѓа на границата меѓу регионите Умбрија, Марке и Латиум, на воздушна линија од околу 100 километри североисточно од Рим, каде земјата исто така се тресеше. По првиот потрес следуваа уште неколку.

Italien Erdbeben Amatrice
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Monteforte

„Многумина се сѐ уште под урнатините. Подготвуваме место каде што ќе бидат сместени загинатите“, изјави за Анса градоначалникот на Аматриче, Серџо Пироци. Спасувачите трескавично бараат преживеани под урнатините. Анса јави дека само во тоа мало местенце има 35 загинати, што е потврда на информацијата дека бројот на загинати е повисок од она што досега е официјално соопштено.

Во земјотресот загинаа цели семејства. Некои од децата кои беа извлечени живи, подоцна им подлегнаа на повредите. За луѓето кои се останати без покрив над главата, според РаиЊус24 најверојатно ќе бидат изградени населби со шатори во Аматриче и Акумоли. Проценките велат дека без дом останале повеќе илјади луѓе. Градоначалникот на Амуколи, Стефано Петруци соопшти дека ниту една куќа во местото веќе не е сигурна за живеење. „Треба да организираме цел град од шатори за целото население“, рече тој.

За помош во регионот погоден од земјотресот е ангажирана и армијата. Италијанскиот премиер Матео Ренци најави поддршка. „Никого нема да го оставиме сам“, рече премиерот. Тој попладнево треба да пристигне во посета на регионот.

Италија, поради својата географска положба, е постојано потресувана од земјотреси. Во 2009 година имаше голем земјотрес во Л'Аквила, во кој загинаа над 300 лица.

Италија: земјотресот разурна цели населби